Политика

ЕУ е потреба за повисок стандард на граѓаните

19.04.2018 15:06

Загрижени сме поради економската стагнација во земјата, широко распространетата корупција и случаите кои отвораат сериозен сомнеж за криминал и во кој се вмешани највисоки претставници на власта. Ова на утринската средба со Могерини го нагласил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. За СДСМ, извештајот е доказ дека се движиме во вистински правец.

Со предложените забелешки, ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа рефомските закони што беа донесени во Собранието. Се водевме од државните и од граѓанските интереси кои за партијата се на прво место, ѝ предочил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски на шефицата на европската дипломатија Могерини. Европската Унија ѝ е потребна на државата како начин за подигнување на стандардот на граѓаните, повисок квалитет на живеење и споделување на заедничките вредности, потенцирал Мицкоски.

Сепак, изразил загриженост за економската стагнација во државата, корупцијата, за криминалот во власта и за политичкиот реваншизам со неистомислениците.

„Политичкиот терор е широко застапен, и тој се одвива на повеќе нивоа како начин на пресметка на власта со неистомислениците. Притисоците врз медиумите и недостигот од демократски амбиент се сериозен предизвик што ја уназадува државата во повеќе сфери“, потенцирал Мицкоски.

Од СДСМ пак со став- позитивниот извештај на Европската комисија и дадената препорака за преговори е дополнителен импулс во натамошното спроведување на зацртаните реформи. Наша следна цел, вели координаторот на Социјалдемократите, Тунтев, е одлука за старт на преговорите со Европската унија во јуни. Интенција е да се реализираат поставените задачи.

„Позитивните оценки во извештајот на ЕК се значаен успех за Македонија, која по долги години на политичка криза, безперспективност, изолираност, се врати на европскиот пат. Препораката за членство во ЕУ е признание за досега сработеното, но и патоказ за идните реформски процеси“, рече Тунтев.

Од парламентарното мнозинство додаваат- целосното спроведување на препораките ќе значи обезбедување засилена на контролната и надзорната улога на Собранието.

 

Игор Панов