Економија

Извештајот на ЕК- огледало на состојбите во македонската економија

19.04.2018 15:13

Извештајот на Европската комисија реално ги отсликува состојбите во македонската економија. Планот за економски раст треба да ги подобри- вели вицепремиерот Кочо Анѓушев. Се согласува со забелешките дека треба да справиме со сивата економија, која, како што вели, е присутна во сите сегменти на живеењето...

Македонската економија е умерено подготвена да се соочи со конкуренцијата на Европскиот пазар. Напредок има, со акцент на фунционалната пазарна економија и транспарентноста на јавните финасии. Клучни проблеми остануваат сивата економија, високата стапка на невработеност, непочитувањето на договорите, ниското ниво на иновации и инвестиции- нотира Европската комисија во последниот извештај. Владата оценува- реално, точно и прецизно се отсликани состојбите во македонската економија.

Вицепремиерот Анѓушев се согласува со укажувањата, сивата економија е присутна во сите сегменти на живеење. Задоволен е од констатацијата дека Планот за економски раст има потенцијал.

„Потенцијалот не е доволен, на крај се мерат резулатите. Јас сум сигурен дека таквиот План за економски раст на крај ќе даде резултати. Треба да се сузбие сивата економија која е присутна во сите сегменти на живеењето. Тргнете на пример од земјоделските производи како се откупуваат, па како се продаваат на кванташките пазари, па како се дистрибуираат на пазарите. Сето тоа е надвор од финансискиот систем на РМ и мора да се бориме со тоа. Ќе формираме одредени активности во таа насока, со активирање на агроберзата. Идејата за агроберза е стара, но на крај таа се претворила во чување два силоса во Прилеп и ништо од таа реализација“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Европската комисија за долгорочен економски раст препорачува, среднорочна буџетска рамка, рационално и таргетирано трошење на државните пари, подобрување на легислативата, зголемување на вработеноста особено на жените и младите. Со законот за финансиска подршка на инвестициите што е во собраниска процедура фирмите очекуваат нова финансиска инјекција од државната каса.

„Ја повикувам опозицијата ако има да даде конструктивна критика и да го поддржи законот, сѐ останато е само политичко инаетење, кое не дава добро на македонската економија и граѓани. Со инает не може да се оди во ЕУ“, вели Анѓушев.

В среда ке биде објавен и јавниот повик, компаниите ќе може да аплицираат и за финансиска подршка со мерките од третиот столб- дел од Планот за економски раст.

Сузана Фиданска- Стоевска