Трамп го испланирал состанокот со Ким Јонг- Ун
„Ќе сторам се средбата да биде успешна, ако не ќе ја напуштам“- Трамп пред состанокот со Ким Јонг Ун. САД и Јапонија најавуваат - притисокот врз Северна Кореја ќе продолжи сѐ до денуклеаризација на полуостровот...

Американскиот претседател Доналд Трамп порачува- кампањата за максимален притисок врз Северна Кореја продолжува сѐ додека земјата не се откаже од нуклеарното оружје. На заедничката прес- конференција со јапонскиот премиер, Шинзо Абе, шефот на Белата куќа рече дека мора да се стави крај на ваквите амбиции на Пјонгјанг.
„За време на посетата на Азија минатиот ноември добивме поддршка за нашата кампања за максимален притисок врз Севернокорејскиот режим. Како што знаете, во наредните недели ќе се сретнам со Ким Јонг- Ун за да разговараме за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров. Се надевам дека состанокот ќе биде успешен и со нетрпение го очекувам“, рече претседателот Трамп.
„Двајцата уште еднаш се согласивме дека не треба да попуштиме само затоа што Северна Кореја е отворена за дијалог. Треба да продолжиме со максималниот притисок и да бараме пјонгјанг да преземе конкретни акции за денуклеаризација“, изјави јапонскиот премиер Шинзо Абе.
Трамп рече дека ќе стори се за средбата со Јонг- Ун да биде успешна, во спротивно, посочи дека е можно воопшто и да не се одржи. Додаде и дека доколку процени оти средбата нема да вроди со плод, со должна почит ќе ја напушти веднаш по почетокот.
Меѓудругото, Трамп рече и дека ќе го оствари она што неговите претходници не можеле да го постигнат, како и дека неговите позиции кон Пјонгјанг остануваат посилни од кога било.
Американскиот претседател, кој минатиот месец неочекувано ја прифати поканата за разговори на севернокорејскиот лидер, продолжува со неговите планови и покрај загриженоста на сојузниците како Јапонија, чиј премиер Шинзо Абе пристигна на Флорида за да го предупреди Трамп дека поранешните преговори на САД со Северна Кореја не успеале.
Марина Ристова
