Зенит и Олимпијакос охрабрени пред дуелите со Борусија и со Манчестер
Ако пред две години Бенфика беше ѕидот којшто Зенит не можеше да го премости во истата оваа натпреварувачка фаза, Борусија е можеби и најдобриот противник за рускиот тим во моменталните околности...

Tренерот на Зенит Лучано Спалети им порача на своите фудбалери дека можат да испишат значајно поглавје во клупската историја и да достигнат ново ниво, ако се пласираат во четвртфиналето на шампионската лига. Ваквата мотивација може да биде од непроценлива важност пред првиот осминафинален двобој со европскиот вицепрвак Борусија Дортмунд, со оглед дека „милионерите“ сезонава се бледа сенка од тимот кому што лани му недостигаше многу малку за да се искачи на европскиот врв.
Ако пред две години Бенфика беше ѕидот којшто Зенит не можеше да го премости во истата оваа натпреварувачка фаза, Борусија е можеби и најдобриот противник за рускиот тим во моменталните околности. Битката во Бундес Лигата тимот на Јурген Клоп одамна ја загуби, а викенд-дебаклот од Хамбургер во последниот меч уште повеќе ги разниша „жолто-црните“. Тешките моменти му ги продлабочуваат и повредите на Блашчиковски, Суботиќ, Ѓундоган и на Бендер, па затоа ветувачка за тренерот е можноста пак да смета на опоравените Хумелс и Ројс. На патот кон „Вембли“ лани во осминафиналето Борусија го прескокна Шахтјор, но двомечот со Зенит овој пат ќе и биде многу покомплексен.
На средбата во Санкт Петербург, кај Зенит ќе ги нема повредените Дани и Ансалди. Ниту тоа, ниту лошиот биланс против Германци, со само четири победи во 12 меча со бундеслигаши, ниту фактот што е без официјален натпревар уште од крајот на полусезоната во руската лига на 6 декември, не го обесхрабруваат Спалети дека сега е мигот кога неговиот тим може да го оствари најдобриот резултат во најсилната европска конкуренција.
На „Караискакис“ стадионот во Пиреја, Манчестер Јунајтед ќе истрча со намера уште во првиот дуел да ја реши осминафиналната загатка. Олимпијакос му е стар клиент, кого го победи во сите претходни соочувања во сезоните 2001/2002 и 2002/2003. Ветеранот Рајан Гигс со вкупно три гола во тие средби има огромен придонес за одличниот биланс во меѓусебните дуели, а и овој пат би можел да има значајна ролја во составот на Дејвид Мојс, којшто дојде единствено без Еванс и Џонс. И покрај тоа што „црвените ѓаволи“ имаат лоша премиерлигашка сезона, во Европа сезонава немаат пораз, а Руни и Ван Перси одново се во врвна голгетерска форма. Сето тоа му дава сигурност на менаџерот дека и покрај се, грчкиот тим би требало да биде минлива пречка.
Надежите на Олимпијакос за прво четвртфинале по 15 години лежат во импресивната форма во којашто се наоѓа од ноември до денеска. Има 16 победи и три ремија во последните 19 меча во сите конкуренции, а во домашната лига има 24 победи во 26 одиграни средби. Савиола е повреден, но Валдез е подготвен за настап, па тренерот Мичел ќе може да го извади речиси најдобриот состав во првиот нокаут-натпревар во елитната конкуренција по пет сезони. Може да е безначајно, но психолошки товар за најдобрата грчка екипа и создава и што сите четири осминафинални дуели одиграни минатата недела завршија со победи на гостинските екипи.
