Манчевски: Електронскиот регистар на населението не е замена за попис
Денеска се одржа првата јавна дебата за Предлог-законот за централен регистар на население и Предлог-законот за електронско управување и електронски услуги. Министерот посочи дека со оваа дебата почнува масовната дигитализација и веќе се подготвува техничката основа и софтверот за овој регистар...

Од Министерството за информатичко општество и администрација најавија дека ќе се подготвува електронски регистар на населението. Тој не е замена за попис, уверува министерот Манчевски. Регистарот треба да биде база за подготовка на Националниот портал за услуги.
„Попиот е сосема друга операција која ја врши Државниот завод за статистика. Електронскиот регистар на населението е основата за нудење на електронски услуги на граѓаните, односно за побрза, поефикасна и поевтина услуга од администрацијата. Во предлог-законот се предвидуваат 17 податоци што ќе се собираат од различни институции, односно ќе се формира своевиден електронски идентитет на граѓаните во формат што ќе може да го користи целата администрација. Но, тоа не е замена за пописот “, објасни министерот Манчевски.
Денеска се одржа првата јавна дебата за Предлог-законот за централен регистар на население и Предлог-законот за електронско управување и електронски услуги. Министерот посочи дека со оваа дебата почнува масовната дигитализација и веќе се подготвува техничката основа и софтверот за овој регистар, но и за Националниот портал за електронски услуги, кој треба да профункционира за неколку месеци и ќе овозможи да се избегнат ситуациите од минатото со малтретирање на граѓаните за вадење различни документи.
