До крајот на месецов нова средба Димитров- Коѕијас
До крајот на месецов нова средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Димитров и Коѕијас. Точниот датум сѐ уште не е утврден. Бараме и очекуваме да најдеме решение што ќе биде достоинствено за сите граѓани, изјави владиниот гласноговорник...

Датумот не е потврден, но до крајот на месецов ќе има нова средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Димитров и Коѕијас за изнаоѓање решение за разликата околу името. Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, потврди дека состанокот ќе се одржи. Не ги коментираше изјавите на шефот на дипломатијата на соседната земја, кој за датум за преговори со земјава посочи дека одлуките ги носи Европскиот совет, каде Грција веќе ги има поставено своите позиции. Исто така, според Коѕијас, земјава нема шанси да стане членка на НАТО на претстојниот самит.
„Датумот сѐ уште треба да биде потврден меѓу министрите за надворешни работи. Се уште сме големи оптимисти, како што најавија и премиерот и министерот за надворешни работи на Република Македонија, бараме и очекуваме да најдеме решение што ќе биде достоинствено за сите граѓани“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Членството во ЕУ останува наша стратешка определба, велат од Владата. Оттаму наведуват дека последниот извештај на Европската комисија и чистата препорака за почеток на преговорите покажува оти има значителен напредок во слободата на изразување, подобрена е климатата за работа на медиумите и е намален притисокот врз новинарите.
„Се истакнува исто така и консултацијата, и широките јавни дебати со разни чинители во медиумската сфера при подоготовката на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, една од клучните реформи во сферата на медиумите. Извештајот констатира дека е потребно понатамошно подобрување на состојбите, но дефинитивно укажува дека сме на правиот пат“, рече Роберт Поповски, министер задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност.
Од Владата потврдуваат дека стартува имплементацијата на новиот „План 18“. Документот се темели на извештајот од Европската комисија и се однесува на спроведувањето на реформите. Предвиден е сет активности кои треба да се реализираат до крајот на годинава.
Анита Димитријевска
