„5 до 12“ повторно со шатори пред Собранието, бараат измени во законите за лицата со посебни потреби

20.04.2018 14:31

Една година граѓански активизам за унапредување на правата на лицата со посебни потреби на Националната алијанса за инклузивно општество „5 до 12“. Пред Собранието повторно поставени шатори. Во име на родителите, децата и лицата со попреченост, хендикеп и посебни потреби, од надлежните побараа нивна вклученост во законските измени...

Отворање регионални центри за рехабилитација на луѓето со посебни потреби, квалитетна терапија, додатокот за туѓа нега да се зема од 18, а не како сега од 26 години- ова се дел од барањата на иницијативата „5 до 12“. Повторно се поставени шатори во паркот „Жена борец“ спроти Собранието. Од иницијативата велат, измина цела година, а сѐ уште нема одговор на нашите барања. Поради тоа, родителите на децата со посебни потреби апелираат да бидат вклучени при носењето на законските измени.

„Со сегашниот закон, до 26 години децата и лицата со попреченост не плаќаат партиципација, а над 26 години мораат да плаќаат партиципација. Зарем на моето дете после 26-та година церебралната парализа ќе му исчезне? Затоа велиме таа граница да се избрише, тие да имаат бесплатна партиципација на лековите и во здравството додека се живи“, изјави Горан Стојчевски, родител.

„Крајот на нашата борба е за да можеме мирно да умреме. А мирно би умреле доколу се обезбедат нашите деца по нашата смрт и се искористат нашите имоти“, вели Зоран Мијалков, родител.

Наскоро ќе почне да функционира Центарот за даунов синдром – велат од граѓанската иницијатива. Ангажирани се образовни асистенти.

„Измените се образовните асистенти, дел веќе се вклучени во образованието. Не се секаде низ државата, но треба да бидеме свесни дека не може се одеднаш да се случи. Дел од децата веќе на училиште одат со асистенти, дел ќе добијат следната година“, вели Сузана Стојановска, родител.

Граѓанската иницијатива „5 до 12“ пред една година за првпат постави шатори пред Собранието, со цел да го привлечат вниманието на политичарите и на креаторите на политики за предизвиците со коишто се соочуваат луѓето со посебни потреби.

 

Андријана Атанасовска