Ќе се подготвува електронски регистар на населението

20.04.2018 14:51

Од Министерството за информатичко општество и администрација најавија дека ќе се подготвува електронски регистар на населението. Тој не е замена за попис, уверува министерот Манчевски. Регистарот треба да биде база за подготовка на Националниот портал за услуги...

Електронскиот регистар на населението во кој првично ќе бидат внесени 17 податоци е основа за Националниот портал на услуги што ќе нуди поевтин, побрз и поефикасен сервис на граѓаните. Во тек е изградбата на техничката база на системот, а се подготвува и законската рамка, вели министерот за информатичко општество и администрација Манчевски. Уверува дека регистарот не е замена за пописот.

„Попиот е сосема друга операција која ја врши Државниот завод за статистика. Електронскиот регистар на населението е основата за нудење на електронски услуги на граѓаните, односно за побрза, поефикасна и поевтина услуга од администрацијата“, објасни министерот Манчевски.

Невладиниот сектор бара сите регистри да се синхронизираат меѓу себе за да се добиваат квалитетни податоци.

„За Македонија е исклучително значајно да има и регистар на население и воопшто сите важни податоци за населението, за живеалиштата, за станбените објекти, за бизнис заедницата“, смета Билјана Бејкова, НВО инфо центар.

Во некои европски земји преку ваквите регистри, веќе се прави попис на населението. Во Германија, 10 насто од пописот беше спроведен со теренска работа. Македонскиот регистар на населението, како што велат од ресорот администрација, ќе чини околу 700 илјади евра од кои 500 илјади се обезбедени од Европската унија.

 

Игор Панов