Соработка на домашни и странски компании: Најважни се квалитетот, цените и роковите
Со проект од ЕУ ќе се зголемува конкуретноста на домашните мали и средни претпријатија за да се вклучат во синџирите на снабдување на странските инвеститори присутни во земјава. Засега тој процент е помал од еден насто. Владата ветува финансиска поддршка, а образовните интитуции соодветен кадар...

Проблемите со квалитетот на производите и услугите, квантитетот, цените, стандардите и непочитувањето на роковите за испорака се главни причини кои го отежнуваат зголемувањето на соработката на странските инвеститори во земјава со домашните компании.
Анализата покажува дека инвеститорите во зоните најмногу бараат: одливки од алуминиум и леано железо, нивна обработка, обработени лимови, цевки, но и услуги од нумерички машини, заварување, изработка на резервни делови. Не помал е интересот за пластични делови добиени со вбризгување, нивна обработка, како и делови од полиестер и полиуретан. Инвеститорите ги охрабруваат малите и средни претпријатија да излезат со конкретни понуди на пазарот.
За фабриките во зоните најважни се квалитетот на производите и услугите, роковите за испорака и цените, велат менаџерите. Од Владата тврдат дека финансиски ќе ги поддржат домашните фирми кои сакаат да инвестираат, а од образовните институции се очекува да обезбедат соодветен кадар. Ќе се поддржуваат и странските компании, ќе добиваат до 1 насто од вредноста на направените набавки од домашните фирми.
Од високо образовните институции ветување за отворена комуникација со странските и домашните фирми во подготвување кадар што ќе одговори на нивните потреби. Од своја страна инвеститорите веќе се вклучени во неколку конкретни проекти со средните училишта кои едуцираат кадар за нив.
Од Владата најава дека се во тек финални разговори со 30-тина странски компании кои пројавиле интерес да инвестираат во земјава, како и со 3 домашни фирми. Засега странците купуваат од домашните фирми, во просек производи за помалку од 1 насто од потребите. Пример кој треба да се следи е белгиската „Ванхол“ која 8% од потребните материјали и делови ги набавува од македонски претпријатија.
Свето Николовски
