Фејзи Азири вратен во затворот во Штип
Еден од обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, Фејзи Азири е вратен во затвор. Треба да доиздржи казна за недозволено поседување оружје. Опозицијата бара премиерот Заев пред органите да каже што им ветувал на родителите на убиените пред изборите. Владата тврди- материјалите и надлежноста е во рацете на судот...

По два месеца на слобода, обвинетиот во случајот „Монструм“, Фејзи Азири повторно е вратен во затворот во Штип. Скопска единица го одбила неговото барање за продолжување на отпустот. Иако го добил, не се вратил во предвидениот рок. Полицијата го пронашла во Клиничкиот центар, каде што бил на лекување, по што бил под надзор. Сево ова излезе на виделина, откако неделава поради него беше одложено рочиштето.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека преку случајот „Монструм“ премиерот Заев си поигрува со чувствата на граѓаните и на семејствата на убиените. Заев е должен, велат, да го каже истото и во судот што им го обелоденил на родителите пред изборите, а СЈО да го повика за сведок.
Од Владата со став дека немаат намера да се мешаат во судските постапки. Очекуваат целата постапка да биде транспарентна, а конечната пресуда на увид на јавноста.
Наташа Гркова- Петрушевска
