Добра ждрепка!
Во Лигата на шампионите на ЕХФ нема лесни противници, но впечаток е дека македонските екипи можат да бидат задоволни од осминафиналната ждрепка.
Ракометарите на Металург ќе играат со Колдинг, а Вардар со Хамбург во првата елиминациска рунда од елитното натпреварување.
Црвено - црните ќе ги одмерат силите со актуелниот европски првак којшто е во финансиска криза, па тоа можеби е шанса нашиот шампион да се надева на голем резултат. И покрај проблемите, Хамбург има силен тим предводен од Домагој Дувњак, а олеснителна околност за Вардар е повредата на данското крило Линдберг. Тој е неизвесен за настап во двомечот.
Ждрепката му беше наклонета и на Металург, кој во конкуренција на бундеслигашите Флензбург и Рајн Некар го доби Колдинг за ривал во фазата на најдобрите 16 во Европа. Се разбира дека данскиот состав не е наивен, а потврда за тоа се двете победи на Кјелце во групната фаза, ривалот од којшто тимот од Автокоманда беше елиминиран минатата сезона. Исто како Вардар, и Металург ќе биде домаќин во првата пресметка закажана за периодот од 19-ти до 23-ти март.
