Нови 28 километри автопат

Свечено пуштање во употреба на Демир Капија - Смоквица

23.04.2018 08:09

На свеченоста се најавени обраќања на премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар. Новите 28,2 километри автопат од Демир Капија до Смоквица ја чинат државата 270 милиони евра...

Автопатската делница Демир Капија Смоквица, по шест години изградба, ќе биде пуштена во употреба денеска, со што се добива целосно автопатско решение долж Коридорот 10 на  територијата на Македонија.

На свеченоста се најавени обраќања на премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар.

На свечената церемонија ќе учествуваат претставници на Директоратот за проширување на ЕУ,  членови на Владата, претставници на локалните самоуправи низ кои поминува автопатот „Пријателство“ од Коридорот 10, претставник на централната власт на Република Грција и претставници на компаниите изведувачи на работите на оваа делница.

Новите 28,2 километри автопат од Демир Капија до Смоквица ја чинат државата 270 милиони евра. Од нив 107 милиони евра се обезбедени со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), 130 милиони евра од Европската инвестициска банка, 45 милиони евра се грант од ЕУ, а шест милиони евра  преку Буџетот на РМ.