Меѓународно тестирање ПИСА во средните училишта
Математика, македонски, природни науки ќе покажат колку знаат македонските средношколци. Во образование велат, реформите ќе се спроведуваат според резултатите од тестирањето...

Речиси три часа, 70 средношколци од скопската гимназија „Ѓорги Димитров“ ги одговараа прашањата на тестовите по македонски јазик, математика и природни науки. Во средните училишта се спроведува меѓународното тестирање ПИСА. Резултатите треба да покажат какво знаење имаат македонските средношколци по овие предмети, а од Министерството веќе најавија дека по тоа ќе се водат при изготвување на реформите во образованието. Средношколците мотивирани, велат тестовите не се тешки.
„Прашањата не беа многу тешки, но сепак ни требаше концентрација за да решаваме. Исто така поголем број од одговорите ги имаше во самиот текст. Требаше само прашањата внимателно да ги прочитаме“, вели средношколецот Марко Кочиев.
„Позната ни е материјата, прашањата можеме лесно да ги одговориме. За нас тестирањето е важно бидејќи со тоа докажуваме низ текот на годините колку нашето образование се развило и прогресирало. Сметам дека е во ред што тестирањето се спроведува и во нашата држава“, вели средношколката Ангела Гиевска.
Пред три години, според резултатите од овие тестови учениците од земјава се најдоа на дното на табелата. Директорот на гимназијата „Ѓорги Димитров“ очекува подобри резултати, бидејќи и повеќе се работело со учениците.
„Tоа се обемни тестови, учениците три часа решаваат. Потребно е да се прочитаат прашањата, да се размисли, да се одговори точно. За тоа треба трпение, мотивација, време и знаење пред сѐ. Знаењето го имаат, мотивацијата ја имаат и мислам дека резултатите оваа година ќе бидат добри и дека ќе се најдеме на вистинското место како држава, онаму каде шо припаѓаме“, изјави Сашо Стојменов, директор на СУГС „Ѓорги Димитров“.
Оценката не влијае врз успехот на учениците. Ова меѓународно тестирање е најчесто користена алатка за проверка на знаењто и за лоцирање на недостатоците во образовниот систем . Македонија по трет пат дел од оваа програма.
Андријана Атанасовска
