Сеул

Запрена пропагандата против Пјонгјанг

23.04.2018 12:54

По најавата за запирање на нуклеараната програма и проби на Северна Кореја, запрена и пропагандата против Пјонгјанг. Ова вклучуваше специјална војна со пропагандни пораки и вести, но и музика пласирана од Сеул...

Јужна Кореја ја запре пропагандата која повеќе од две години преку границата ја спроведуваше против северниот сосед. Властите во Сеул соопштија дека потегот е повлечен неколку дена пред самитот на лидерите на двете земји за кој се очекува дека ќе се фокусира на нуклеарната програма на Пјонгјанг.

Сеул испраќаше пропагандни пораки, вести, јужнокорејска поп музика и критики за севернокорејскиот режим преку разглас поставен на границата, а и Северна Кореја одговори со сопствена кампања, исто така преку звучници на границата, како и со испраќање летоци.

Сеул, меѓутоа престана со емитувањето пропагандни пораки против својот сосед во обид да ги ублажи тензиите и да воспостави соодветно опркужување за мирни преговори. Во соопштението на јужнокорејското Министерство за одбрана стои дека земјата се надева оти одлуката ќе ги наведе двете страни да ги запрат меѓусебните пропагандни активности, како и дека ќе придонесат за воспоставување мир и нов почеток.

Ким Јонг Ун и Мун Џае Ин ќе одржат средба в петок во погранично село, а севернокорејскиот лидер, како што е најавено, ќе има и одвоени средби со американскиот претседател Трамп во мај или во почетокот од јуни, што ќе биде прв самит на лидери на Северна Кореја и на САД.

Во меѓувреме роднини на јапонските граѓани киднапирани од Северна Кореја ги повикуваат властите да ја искористат промената во ставот на Пјонгјанг за да го решат проблемот.

„Мојот сопруг не може да присуствува поради лошото здравје. Го охрабрувам да издржи додека не се сретнеме со нашата ќерка“, вели Сакие Јокота, мајка на киднапирана жена.

Американскиот претседател Трамп го увери јапонскиот премиер Абе дека ќе го покрене прашањето на средбата со Јонг Ун и понуди поддршка и помош за враќање на киднапираните. Седумте најразвиени индустриски земји од Канада испратија порака дека ќе вршат притисок врз Северна Кореја сѐ додека не се откаже од нуклеарната програма.

 

Марина Ристова