Нешвил: Жртви и повредени во вооружен напад во ресторан
Полуавтоматската пушка АР 15 се запишува во американската историја, но не по добро, туку по масовните убиства. Вчера во нешвил убиени четворица, уште толку повредени. Со ова оружје беше извршен и масакрот во Лас Вегас каде што беа усмртени 53-ца...

Четири лица загинаа и уште толку се ранети во вооружен напад во ресторан во американскиот град Нешвил.
Осомничен е 29-годишниот Тревис Реинкинг од Мортон, кој влегол гол во угостителскиот објект по што и отворил оган. Локалната полиција ги повика граѓаните да пријават доколку го забележат.
„Напаѓачот ми ја грабна раката, во тој момент решив што да правам зашто не можев да ја заклучам вратата. Успеав да го фатам оружјето со една рака и го фрлив настрана“, вели Џејмс Шо.
„Во 2017-та година, ФБИ доби информации за Тревис Реинкинг од Тајната служба на САД. Презедовме координирана акција со Илиноис за поништување на дозволата за оружје“, изјави Метју Еспеншејд, ФБИ.
„Потребна ни е сеопфатна реформа за оружје поради масовните пукања, домашното насилство и други вооружени инциденти. Невини цивили беа тероризирани од човек кој користел полуавтоматска пушка АР-15“, изјави Дејвид Брајли градоначалник на Нешвил.
Слично оружје беше користено и во масакрот во Лас Вегас лани кога беа убине 58 луѓе, како и во нападот во училиштето на Флорида во која загинаа 17 лица.
Поради серијата инциденти, дебатата за контрола на оружјето во САД се засилува. Граѓаните продолжуваат да протестираат, барајќи реформи во законодавството.
Контролата на оружјето е и меѓу главните теми од дебатите во Конгресот меѓу Републиканците и Демократите.
Национаното здружение за оружје (НРА), е против прелдозите за контрола, тврдејќи дека повеќе оружје значи поголема безбедност. Една од најмоќните лоби групи со посебен интерес одвојува 3 милиони долари за да влијае врз креирањето на политиката на конгресмените во однос на оваа политика. Статистички, секој петти Американец кој има оружје е член на ова здружение.
Според истражувачкиот институт „Пју“, поддршката за контрола на оружјето е највисока меѓу младите од 18 до 29 години. Над 50% од лицата постари од 50 години поседуваат оружје. Во развиениот свет, САД се земја со највисока стапка на убиства извршени со огнено оружје.
Маја Филдишев
