Поефикасна заштита од дискриминацијата преку нов закон
Долги судски процеси за докажување на повредата на основното граѓанско право. Како да се спречи дискриминацијата, Законот се подготвува повеќе од две години со вклучување на европската регулатива, стандардите на ОБСЕ и на ОН...

Поголем опфат на областите каде што ќе се спречува дискриминацијата, тројно ниво на заштита, како и вклучување на сексуалната и родовата ориентација се најзначајните новини во нацрт- верзијата на законот за спречување и заштита од овој негативен феномен.
На јавната дебата, од ресорот труд и социјала, истакнаа дека Законот се подготвува повеќе од две години при што се земени предвид мислењата на ОБСЕ, Советот на Европа, на Обединитетте нации и на Европската унија, за како што рекоа, да има квалитетно решение што ќе се спроведува во практика.
Од невладиниот сектор посочија дека Законот ги следи стандардите на европската регулатива во оваа област и ќе се избегнат долгите судски процеси за докажување доколку некому е повредено граѓанско право.
Од мисијата на ОБСЕ рекоа дека Законот треба да се применува доследно и неселективно за земјава да фати приклучок со западните демократии.
Со законот се предвидува покрај комисијата, да се формираат и советодавни тела во кои ќе бидат вклучени експерти за одделна област. За првпат во драфт верзијата е содржана одредбата за сегрегација што е дефинирана како физичко одделување на лица врз дискриминаторска основа без легитимна и оправдана цел.
Игор Панов
