Македонското земјоделство со умерен напредок

24.04.2018 10:31

Македонското земјоделство доби умерена оценка од Eвропската комисија во извештајот за напредокот во овој сектор. Комисијата препорачува поголема искористеност на ИПАРД програмата, а сточарските фарми ќе треба да го подигнат нивото на хигиена и благосостојба на животните.

Македонија е умерено подготвена во областа на земјоделството и на руралниот развој. Постигнат е одреден на предок во усогласувањето со заедничката земјоделска политика, се наведува во извештајот на Европската комисија.

Се препорачува Македонија наредната година да ги зголеми напорите за да се користат фондовите од ИПАРД 2 програмата, да го подобри процесот на усогласување на Мрежата за сметководствени податоци на земјоделските стопанства, да го интензивира усогласувањето на политиката во областа на заедничката организација на пазарот и прецизно да ја разјасни поделбата на надлежностите на Министерството за земјоделство и на платежната Агенција.

Ви извештајот се наведува дека ИПАРД 1 е завршена со 17 проценти искористеност на парите, а способноста за апсорбирање на ИПАРД 2 е предизвик заради нецелосните апликации и долгите процеси на одобрување на договорите.

Во областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика Македонија е на добро ниво на подготовка. Земјата треба да ги подобри хигиената на фармите, благосостојбата на животните и контролата на болестите, се наведува како забелешка во извештајот на Комисијата од Брисел. 

 

Методија Трајков