Одбрана

Шекеринска: Македонија заслужува членство во НАТО

24.04.2018 12:18

По спроведените реформи, Македонија заслужува членство во НАТО, изјави министерката за одбрана Шекеринска на отворањето на НАТО работилницата во Скопје за односите со партнерите на Алијансата. Заменик командантот на европската команда, генерал Еверард потврди дека НАТО високо го цени придонесот на македонските војници во мисиите предводени од Алијансата.

Со учеството во мировните мисии на НАТО, Македонија покажа дека е доверлив партнер на Алијансата, вели министерката за одбрана Шекринска. Порачува- по спроведените реформи да добиеме покана за членство, кое како што рече, веќе сме го заслужиле.

„Ги зголемивме нашите учества во мисиите предводени од НАТО и најавивме дека до средината на оваа година ќе го завршиме крупниот документ- Стратешки одбранбен преглед. На сите овие теми не дававме ветувања лесно, но она што го најавивме, тоа и го испорачавме. Тоа покажува дека Македонија е партнер на кој може да се потпре“, изјави министерката за одбрана, Шекеринска.

„Многу сум импресиониран од професионалните стандарди на вашата армија и тоа што тие го вложуваат во мисијата. Се разбира секогаш може да се побара да правите уште нешто дополнително, меѓутоа вашиот придонес е одличен не само во Авганистан, туку и во Косово и во БиХ“, рече генерал Џејмс Еверард, заменик командант на Европската команда на НАТО.

Македонија испраќа уште тројца офицери во Авганистан, како засилување на германскиот контигент за изборите во оваа држава. Иако земјава не е членка на НАТО, деновиве во Скопје се одржува најважната конференција на Директоратот за партнерство.

„Вашата земја е многу ценет партнер на Алијансата, соработувајќи тесно со трупите на НАТО. Оваа работилница е основа за поставување на вистинските предуслови што ќе овозможат координација за соработка со Алијансата“, рече генерал Егил Педерсен, заменик- шеф на штабот на Директоратот за партнерство.

Околу 200 претставници на НАТО во Скопје го разгледуваат учеството на партнерите во операциите предводени од Алијансата и хармонизацијата на партнерските односи.

 

Ирина Гелевска