Вашингтон

Макрон во прва официјална посета на САД

24.04.2018 12:58

Во фокусот на разговорите, разликите во ставовите на САД и ЕУ во однос на нуклеарниот договор со Иран, состојбата во Сирија, како и трговијата. Непосредно по доаѓањето во Вашингтон, Макрон изјави дека оваа посета е многу важна, но и дека постојат многу неизвесности.

Францускиот претседател Емануел Макрон заедно со сопругата допатува во Вашингтон. Ова е негова прва официјална посета на САД на покана на претседателот Доналд Трамп. Тој е и првиот странски лидер во официјална посета на Вашингтон, откако Трамп стапи на функцијата.

Во фокусот на разговорите, разликите во ставовите на САД и ЕУ во однос на нуклеарниот договор со Иран, состојбата во Сирија, како и трговијата. Непосредно по доаѓањето во Вашингтон, Макрон изјави дека оваа посета е многу важна, но и дека постојат многу неизвесности.

„Ќе имаме можност да разговараме за многу билатерални прашања и да дискутираме за нашата безбедност, трговија и за многу мултилатерални прашања кои се многу важни за двете земји“, рече Макрон.

Медиумите пишуваат дека Макрон е во некој вид спасувачка мисија за Иранскиот нуклеарен договор, за кој Трамп рече дека ќе го поништи освен ако европските сојузници до средината на мај не ги исправат, како што рече, ужасните недостатоци.

Покрај тоа, Макрон сака да го убеди трамп да ги изземе европските земји од тарифите на челик, кои се дел од планот на американскиот претседател за намалување на хроничниот трговски дефицит. Се очекува двајцата лидери да разговараат и за Сирија откако САД, Франција и Британија изведоа воздушни напади во таа земја во знак на одмазда за наводниот напад со хемиско оружје во градот Дума.

Во знак на долгогодишниот пријателски однос, францускиот претседател ќе му подари на Трамп садница од даб од замокот „Тиери“ на северот од Франција, каде што во 1918 година во битка загинале 2.000 американски војници.

 

Марина Ристова