ПССЕ

Димитров: Имаме прозорец на можности, мораме да дадеме сѐ од себе

24.04.2018 15:07

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров е во Стразбур, каде што се обрати на априлската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Покрај обраќањето е предвидено Димитров да има одделни средби со генералниот секретар на Советот на Европа, Јагланд, како и со претседателот на Парламентарното собрание, Николети...

Македонија од пред осум години кога претседаваше со Комиетот на министрите на Советот на Европа немаше настап на свој министер за надворешни работи пред ПССЕ. Во својот говор, Никола Димитров, пред парламентарците од 47 земји членки на Советот на Европа, ги соопшти кои реформи ги презела Владата во борбата против корупцијата, независно судство и слобода на медиумите. Потоа, тој одговараше на прашања на челновите на ПССЕ, од ко најголемиот број од нив како најмногу се задржаа на прашањето за името, но и на реформите кои се спроведуваат во земјата за напредокот на патот кон Европската Унија и НАТО.

На прашањето кои чекори ќе ги презеде Владата во блиска иднина за да го искористи моментумот, Димитров кратко рече дека следува нова рунда преговори со медијаторот Метју Нимиц и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас утре во Виена.

„Никогаш не сме имале преговори на ова ниво каде директно разговараат министрите за надворешни работи на двете земји. Мислам дека имаме прозорец на можности, не ги знам идните чекори, но мораме да продолжиме, да дадеме сѐ од себе, што помалку домашна политика и повеќе стратегии толку повеќе и шанси да ги решиме проблемите. Не е лесно, но мислам дека не сме направиле доволно во минатото за да објасниме. Има слој на предрасуди и енигми, но никој не рече дека ќе биде лесно. Останува на нас да ги превртиме сите камења за да ја најдеме шансата“, рече Димитров.

Грчката парламентарка Нина Касимати, праша како е возможно Македонија да дојде до решение на спорот иако има намера да го задржи уставното име, Димитров одби конкретно да одговори велејќи дека преговорите не треба да се водат пред очи на јавноста.

Жонглираме меѓу два интереси, сакаме да го штитиме процесот, но и да ја информираме јавноста. Постои опасност ставовите да станат национални позиции што оневозможува продолжување на преговорите. Сите ги знаеме позициите на двете страни. Мора креативно да видиме дали може да ги поместиме елементите за да се покрие најважното за Атина и за Скопје. За да се стори тоа мора повеќе да се разговара, а по договорот да и се елаборира се на јавноста“, одговори шефот на дипломатијата.

Димитров во Стразбур има повеќе работни средби со членови на ПССЕ, со генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн јагланд Гидо Раимонди, претседател на Европскиот суд за човекови права, Дуња Мијатовиќ- комесар за човекови права на Советот на Европа, по што заминува во Виена на средбата со неговиот грчки колега.

 

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ