Владата ќе формира тимови за преговорите со ЕУ
Тимови од најдобрите претставници од институциите ќе работат на преговорите со Европската унија. Ќе се формираат до јуни. Контурите на реформскиот план ќе се поставуваат во Владата. Во Собранието- разгледување на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Власта и опозицијата со различни ставови за тоа кој, што направил на евроинтегративниот пат...

Владата до јуни ќе подготви тимови составени од претставници на институциите што ќе бидат задолжени за преговорите со Европската Унија. Премиерот Заев вели дека најдобрите ќе бидат вклучени во групите кои ќе ги отвараат и затвараат поглавјата со Унијата.
„Сите забелешки од овој извештај нека ни бидат водилка за работа и за успех. Заложбите од сите парламентарни групи , сите општествени чинители се важен дел од тој заеднички успех“, нагласи премиерот Зоран Заев.
Неизвесно е дали ќе има решение со Грција, но реформите мора да продолжат и натаму, истакна пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ.
„Ова прашање не треба да ги ограничи или да ги забави нашите напори да изградиме стабилно , демократско и просперитетно општество. Реформите што ги спроведуваме се првенствено во наш интерес“, рече пратеникот од СДСМ, Томислав Тунтев.
Од опозицијата потсетија дека Македонија почна да добива безусловни препораки од Европската Комисија уште во времето кога владееја ВМРО-ДПМНЕ, но дека граѓаните сега живеат полошо.
„СДСМ ветуваше дека за само шест месеци ќе ја внесе Македонија во ЕУ и во НАТО, но сега сме сведоци на растечка корупција и критики во круцијални делови во рамки на извештајот. Република Македонија е најкорумпирана земја во Европа“, вели Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.
Свесни сме дека оваа година нема да станеме дел од ЕУ и НАТО, но треба да ги почнеме преговорите, смета претстедателот на комисијата, Артан Груби.
„Тоа што денес се чини тешко, утре ќе биде наградено. Храброста во политиката се наградува. Храбо настапивме за локалните избори- се награди, храбро настапивме со реформите- се награди, храбро настапивме во Договорот со Бугарија- и тоа се награди. Храбро настапуваме и во спорот со Грција и затоа очекуваме валоризација на сите наши напори годинава“, изјави Артан Груби, претседател на Комисијата за европски прашања.
САД, Европската Унија и Македонија се триаголникот од кој зависи иднината на регионот, истакна американскиот професор и експерт Даниел Сервер.
„ЕУ вознемирена од ситуацијата со Русија во февруари го отвори прозорецот за политички преговори. Оние кои ќе се квалификуваат од Балканот до 2025 година, може да се надеваат дека ќе станат членки две години подоцна. Колку неверојатна можност претставува ова? Ќе биде тешко да се влезе во ЕУ зашто ништо не е гарантирано, но тоа е и неверојатна можност за вашата земја да стапи на патеката за членство во ЕУ и во НАТО“, изјави професорот Сервер.
Сепак, Сервер потенцира дека дури и да ги направиме сите нешта што ЕУ и НАТО ги бараат од нас, патот кон евро-атлантските интеграции ќе биде отворен само со согласност од Атина.
Марија Котовска
