Кредитна линија од ЕБОР за енергетски ефикасни домаќинства
Европската банка за обнова и развој го одврзува ќесето. Во земјава ќе пласира пари за проекти за енергетска ефикасност на домаќинствата, кои на граѓаните ќе им донесат заштеди. Се проценува дека ќе се опфатат околу 2.500 домаќинства. Власта очекува намалување на потрошувачката на струја...

Македонските граѓани имаат мала куповна моќ, а високи сметки за струја. За да се намали потрошувачката и да се зголеми комфорот на живеење, треба да се инвестира во изолација на домот, нови прозорци, обновливи извори на енергија. Секое евро инвестирано во енергетска ефикасност штеди 2,2 евра во производство на електрична енергија. За да им помогне на домаќинставата во оваа насока, Европската банка за обнова и развој преку две домашни банки сега пласира 4 милиони евра во форма на кредитни линии, дел од купчето пари тешко 85 милиони за Западен Балкан. 2.500 семејства ќе може да аплицираат за грант во износ од 20 насто од инвестицијата.
„Помалку од 10 насто од домаќинствата во Македонија имаат имплементирано мерки за енергетска ефикасност. Верувам дека програмата што ја нудиме, која е дел од регионалната програма за подобрување на енергетската ефикасност во домовите во шесте земји од Западен Балкан ќе придонесе за заштеда на енергија и почиста животна средина со пониски сметки за електрична енергија“- вели Ана Јоана Јонеску, раководител на канцеларијата на ЕБОР во Македонија.
Во следните години Македонија мора да ја намали потрошувачката на енергија за 14,37 насто- велат од Владата. Алтернатива се енергетската ефикасност и зелената економија.
„Македонија нема алтернатива и од енергетски аспект е сиромашна земја. Домашните резерви на јаглен се на исцрпување. Осломеј три години е споменик, бидејќи нема јаглен. РЕК Битола се повеќе заликува на споменик зашто работи со два од трите блока, а со тек на време ќе работи со еден ако останеме само на домашните резерви на јаглен. Гас немаме, нафта немаме. Единствено имаме можност за обновливи извори на енергија“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Иако скапи, инвестициите во енергетска ефикасност може да достигнат заштеда и над 1.000 евра – покажуваат анализите на Енергетската заедница.
„Според пресметките во Европската Унија, инвестициите во енергетска ефикасност се скапи, но се враќаат за неколку години, а достигнуваат заштеда и над 1.000 евра“, вели Виолета Коголничеану- Секретаријат на Енергетска заедница.
Преку програмата за финансирање на енерската ефикасност на домаќинстава се очекува покрај оперативните четири милиони, од ЕБОР Македонија да добие и дополнителни 4 четири што во форма на кредитна линија ќе се пласираат преку домашните банки.
Сузана Фиданска- Стоевска
