„Форум на словенските култури“ - 10 години постоење

25.02.2014 14:39

Република Македонија како една од земјите-основачи на меѓународната фондација „Форум на словенските култури“, со финансиска поддршка на Министерството за култура активно ќе се вклучи во одбележувањето 10 години од неговото формирање.

Целта на Форумот е зачувување на културните традиции на словенските народи и нивното гообално промовирање како трајни и универзални вредности.

Министерството за култура информира дека одбележувањето на десетгодишниот јубилеј ќе почне во април кога Архивот на Македонија ќе биде домаќин на заедничка изложба „Главните градови на словенските земји преку архивски материјал“, која минатата година беше претставена во седиштето на УНЕСКО во Париз.

Јубилејното чествување ќе продолжи со заедничката изложба на земјите-членки, насловена „Словенските карневали“, која ќе биде претставена во седиштето на УНЕСКО во рамки на традиционалното одбележување на Денот на словенската култура. Носител на македонскиот дел на оваа заедничка изложба е Заводот и музеј од Битола. По претставувањето во УНЕСКО, Република Македонија ќе биде прв домаќин на изложбата, во чии рамки ќе биде организиран и проектот „Да го пробаме заедничкиот вкус на словенските кујни - словенските традиционални јадења“.


Во втората половина од 2014-та ќе биде одржан третиот семинар за музејска дејност, овојпат посветен на театарските поставки во музеите. Во рамки на настанот се планира концерт на музички ансамбли кои ќе го презентираат нематеријалното културно наследство на земјите-членки на Форумот. Исто така, првпат ќе бидат доделени нововостановените награди на Форумот на словенските култури за најдобар словенски музеј и за најдобар проект од областа на заштитата на културното наследство. Деценијата од постоењето на Форумот ќе биде одбележана и со  заедничка детска изложба „Мој портрет за музејот“, која веќе беше презентирана во УНЕСКО во 2012 година.

Во рамките на долгорочниот проект „100 словенски романи“, кој почна да се реализира со самото основање на Форумот, издавачката куќа „Слово“, со поддршка од Министерството за култура оваа гдоина ќе го преведе и ќе го отпечати делото „Волча ноќ“ на словенечкиот писател Владо Жабот.

- Почнувајќи од 2004 година, нашата земја даде особен придонес во решавањето на заедничките предизвици на Форумот на словенските култури, а довербата и поддршката што ги има Република Македонија беа потврдени  минатата година на министерскиот состанок во Република Словенија, кога министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска беше назначена за претседател на Управниот одбор на оваа меѓународна фондација, соопшти МИнистерството за култура.