Продолжуваат разговорите за името
Во Солун, нова средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција Димитров и Коѕијас. Двајцата министри ќе учествуваат на четирипартитниот состанок, на кој ќе бидат и нивните колеги од Бугарија и од Албанија. Грција останува на барањата за уставни измени и едно име за севкупна употреба. Премиерот Заев верува дека е можно решение до самитот на НАТО...
Шефовите на дипломатиите Димитров и Коѕијас во Солун ги продолжуваат разговорите за надминување на разликата околу името. Двајцата учествуваат на третата средба на министрите за надворешни работи на Грција, Албанија, Бугарија и на Македонија. На состанокот ќе се разгледува ситуацијата во Југоисточна Европа, на Блискиот Исток и на источниот медитеран, мигранската криза, интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија.
Премиерот Заев деновиве рече дека Уставот на Македонија ќе се отвори пред влегувањето во Европската унија и посочи дека се бараат креативни начини за изнаоѓање решение. Коѕијас, пак, пред средбата со Димитров за грчката ТВ Скај изјави дека решението мора да биде стабилно, долготрајно, да не создава проблеми, а новото име да биде за севкупна употреба.
„За да биде вистинско ерга омнес треба да се имплементира и во внатрешноста на земјата. Може да се случи меѓународен договор што ќе го содржи сево ова, но ако се смени оваа Влада, следната ќе го испрати Заев во затвор велејќи дека го прекршил Уставот со прифаќање на меѓународно име што не е предвидено и дозволено со Уставот. Односно и за нивна заштита како што имам објаснето, потребна е промена на Уставот“- изјави шефот на грчката дипломатија, Коѕијас.
Димитров и Коѕијас идната недела ќе имаат средба и во Атина. На дводневниот состанок во Солун, пак, ќе учествуваат и претставници на министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски од четирите држави, коишто ќе разговараат за прекуграничната полициска и царинска соработка, цивилната заштита и транспортното поврзување во регионот.
Ирина Гелевска
