Помпео: Итен прекин на нуклеарната програма на Северна Кореја
Мајк Помпео даде заклетва како нов државен секретар на САД. 70- тиот шеф на американската дипломатија се обврза дека нема да ги повтори грешките од претходните администрации на Белата куќа. Меѓу приоритетите на некогашниот прв човек на ЦИА е брзиот прекин на нуклеарната програма на Северна Кореја.

Новиот американски државен секретар Мајк Помпео вети беусловно затворање на севернокорејската нуклеарна програма. На церемонијата на преземањето на функцијата, некогашниот шеф на ЦИА оцени дека САД имаат одлична шанса да го сменат текот на историјата. За време на неговиот мандат во Централната разузнавачка агенција, Помпео беше во тајна посета на Пјонгјанг на средба со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун.
„На почетокот сме, резултатот не е сигурен. Но едно е сигурно: оваа администрација нема да ги повтори грешките од претходната. Нашите очи се широко отворени. Време е да се реши ова. Лош договор не доаѓа предвид. Американскиот народ смета на нас“, изјави американскиот државен секретар, Помпео.
Челникот на Белата куќа Доналд Трамп наскоро ќе ги објави локацијата и точниот термин на најавената средба со Ким Јонг Ун за нуклеарното разоружување на Полуостровот.
На историскиот самит на двете Кореи во демилитаризираната зона, лидерот од Пјонгјанг најави дека месецов ќе го затвори теренот за нуклеарни проби. За да се следи транспарентноста на процесот, ги покани експертите и новинарските екипи од САД и од Јужна Кореја да присуствуваат за време на активностите. Во меѓувреме, јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин побара од ООН да помогнат во проверката на локацијата.
Маја Филдишев
