Вработените во „Еурокомпозит“ го прекинаа штрајкот
Вработените во прилепски „Еурокомпозит“ и официјално денеска го прекинаа штрајкот и се враќаат на работните места по постигнатиот договор со премиерот Зоран Заев. Во рок од три месеци ќе се решава судбината на компанијата, ќе има пакет за технолошки вишок, а плата најдоцна до понеделник. За компанијата уште сега имало заинтересирани инвеститори. А денеска погоните на „Еурокомпозит“ ги разгледуваше висока турска делегација...

Договор е постигнат, штрајкот е прекинат, вработените во „Еурокомпозит“ се враќаат на работните места и до понеделник ќе чекаат плата. Ова е епилогот од преговорите на синдикатот на прилепската наменска фабрика со премиерот Зоран Заев.
Владата го потврдува договорот и очекува да се почитува. За купувањето на „Еурокомпозит“ веќе сега имало заинтересирани инвеститори. Денеска, без детали за јавноста, погоните ги посети турска делегација на директори на наменски компании придружувани од државен секретар во Министерството за одбрана на Турција.
Инаку, вработените два дена протестираа и кампуваа пред Владата. Протестот, велат, ќе го активираат доколку не земат плата до понеделник.
Елизабета Митреска
