На „Богородица“ запленети 130 килограми марихуана
Над 130 килограми марихуана се откриени вчера на граничниот премин Богородица во камион со албански регистраски таблички. Возачот, 37- годишен албански државјанин е приведен. Заработи 30- дневен притвор...

Приказната на албанскиот камионџија кој влегол преку граничниот премин Блато, а се пријавил за излез од земјава на Богородица дека празен транзитира преку Македонија за Турција била сомнителна за дежурната царинска смена на 2 мај ноќта околу 2 часот и 30 минути. Исто така и времето потребно за транзитирање било дополнителен сигнал за контрола на возилото.
„Времето на задржување на камионот во Република Македонија било подолго од она што е потребно за обичен транзит на камион, така што и тоа е една од причините што возилото е селектирано за преглед“, изјави Ѓоко Тагасоски, директор на Царинска управа на РМ.
При деталната контрола на товарното возило, во страниците што ја држат церадата биле откриени 323 најлонски пакувања со марихуана, со вкупна тежина од 130 килограми.
„Вредноста на запленетата дрога на црниот пазар изнесува околу 390 илјади евра“, рече Тагасоски.
Од почетокот на годината ова е петти случај на откривање дрога, велат од Царинската управа. Вкупно се запленети 472 килограма марихуана, а на преминот Богородица ова е втор откриен обид за транзитирање скриен товар со дрога при што биле запленети околу 310 килограми марихуана.
Свето Николовски
