Дипломатија

Димитров на квадрилатерален состанок во Солун

03.05.2018 17:01

Нова средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Димитров и Коѕијас во Солун. Двајцата министри ќе учествуваат на четирипартитниот состанок на кој ќе бидат и нивните колеги од Бугарија и од Албанија, Захариева и Бушати. Во фокусот- европската иднина на Западен Балкан...

Еден месец пред Самитот на Европскиот совет во Брисел, кадешто Македонија очекува датум за преговори, а и два месеци пред Самитот на НАТО исто така во Брисел, кадешто очекуваме покана за прием, во Солун нова рунда на разговори за името, меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Димитров и Коѕијас, во рамките на четвротната средба заедно со министрите за надворешни на Бугарија и на Албанија, Захариева и Бушати. Ова е дел од неопходната соработка за прием во Алијансата и во Европската унија, а важна е и поради тоа што се доаѓа до приближување на ставовите за регионалната соработка.

Во „Хајат Риџенси“, во близина на солунскиот аеродром „Македонија“, следува работната вечера на министрите. Од кои позиции настапуваат нашиот и грчкиот министер за надворешни? Нема посегање по идентитетот, нема менување на Уставот сѐ додека не се расправа во Брисел за македонското членство во Унијата, е последниот став на премиерот Заев, додека претседателот Иванов минатиот петок побара паралелни преговори.

Од друга страна, Атина и натаму не отстапува- едно име за севкупна употреба, што значи отворање на највисокиот правен акт на македонското законодавство и вметнување во Уставот на взаемно прифатливото решение, што би предизвикало финансиски последици и за државниот и за домашниот буџет, но пред се деидентификација на домицилниот народ, култура и јазик.

Она што е неумоливо, но и бесценето за Македонија, сепак е времето. За 60-ина дена претстои Самитот на НАТО, а за Македонија тоа значи дека истекуваат и роковите за граѓанското изјаснување за можниот предлог. Да потсетиме дека решението треба да се ратификува и со Резолуција на ОН, и за тоа нема многу простор и за временски маневар.

Во меѓувреме, во двата главни политички центри, во Атина и во Солун, се најавуваат можни предвремени избори, кои ги бара опозициската Неа Демократија, но и ослабениот ПАСОК, поврзани со новото последователно намалување на пензиите во Грција, од јануари наредната година. Во Грција, регуларните парламентарни избори, инаку треба да се спроведат во септември 2019-та.

Можеби повеќе ќе се дознае на средбата помеѓу Заев и Ципрас во рамките на Самитот ЕУ- Западел Балкан, закажан на 17-ти мај во Софија. Таму, некои работи веројатно ќе се искристализираат, како и што беше најавено.

 

Зоран Богатинов, специјален известувач од Солун за МРТ