„Евровизискиот брод“ подготвен за најголемиот музички спектакл
Втора техничка проба на Македонија и земјите од првото полуфинале на Евросонг 2018…
По првта техничка проба во понеделникот, македонската делегација и Eye Cue денес, четврток ја имаа втората техничка проба од којашто на официјалниот евровизиски сајт, но и на социјалните мрежи можеше да се проследи ексклузивниот видео фрагмент и фотографиите од настапот на нашите представници, но исто така и на 15 други земји од првата полуфинална вечер. Последните 4 земји и национални представници од првото полуфинале, втората техничка проба ќе ја имаат во петок на 04.05.2018 година кога и официјално ќе биде отворен и годинашниот Euro club.
Техничките проби се користат за дефинирање на светлото, тонот, поставеноста на камерите- важни за режисерот и продукцискиот тим, но и усвојувањето на сцената од страна на изведувачите и придружните вокали.
„Нашите претставници на сцената беа вокално коректни и на првата техничка проба, па забелешките од страна на Македонската делегација и по првата, и по денешната втора техничка проба, главно се насочени кон режисерската разработка и видео реализацијата на сценскиот настап кој како креативен концепт и сценарио беше доставен до организаторот и ЕБУ. Деталите и забелешките кои и денес ги имавме, се надеваме дека ќе бидат корегирани до почетокот на првата генерална проба во понеделник, којашто претходи на она што следува вечерта, од голема важност засекој од учесниците, кога на интерниот пренос за националните радиодифузери на 07.05.2018 година, ќе гласаат членовите на националните стручните жирија“- изјави Мери Попова, шеф на Македонската Евровизиска делегација.
„За разлика од првата техничка проба, денес дефинитивно се забележува кооперативноста на организаторот да ги прифати нашите барања коишто ги имавме во однос на избалансираноста на звукот, како и забелешките за компресијата и ефектите на главните вокали, но се надеваме дека за првата генерална проба се ќе биде како што треба“, изјави Дарко Димитров, автор на аранжманот и музички продуцент на македонската евровизиска песна „Lost and found“.
По втората техничка проба следуваше и втората официјална прес- конференција на којашто нашите евровизиски претставници одговараа на новинарски прашања.
Во меѓувреме секојдневно течат интерните проби на „Eye Cue“- Бојан Трајковски, Марија Ивановска и Иво Митковски со Дина Јашари, Валерија Димовска и Антонија Гиговска како придружни вокали. За кореографијата и сценскиот настап се грижи Јана Андрејевиќ Лазарова, а костимите на сцена според идејата на стилистката Милена Танаскоска, ги изработи дизајнерот Александар Бимбилоски.
Од вкупно 43 земји на годинашниот 63 по ред „Избор за песна на Евровизија“ во Лисабон, 37 земји и нивните представници, од двете полуфинални вечери, ќе се обидат да изборат пласман во големото евровизиско финале на 12 мај. На евровизиската сцена во финалето ќе настапат по 10 земји од секое полуфинале, директните финалисти, земјите од големата петорка (Обединето Кралство, Шпанија, Германија, Италија и Франција), како и представникот на земјата домаќин Португалија.
На генералната проба на седми мај, гласа националното жири од 19 земји колку што учествуваат во првото полуфинале + стручното жири на двете земји од „големата петорка“: Шпанија, Обединетото Кралство и земјата домаќин Португалија.
Директниот пренос од првото полуфинале коешто се одржува на 8-ми мај започнува во 21 часот на фрекфенциите на Македонското радио и Македонската телевизија.
Во деновите што следуваат освен фокусирањето на последните финеси за настап, следува церемонијата за големото официјално Евровизиско отварање на 06.05.2018 година, со традиционалното дефиле на учесниците, овојпат на синиот килим, во стилот на евровизиското мото годинава „ALL ABOARD“.
Каролина Петковска, специјален известувач од Лисабон за МРТ
