Квадрилатерален министерски состанок

Во Солун средба Димитров- Коѕијас, нова можност за приближување на ставовите

04.05.2018 10:22

вајцата министри учествуваат на четирипартитниот состанок на кој се и нивните колеги од Бугарија и од Албанија, Захариева и Бушати. Во фокусот- европската иднина на Западен Балкан.

Нова средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Димитров и Коѕијас во Солун. Двајцата министри учествуваат на четирипартитниот состанок на кој се и нивните колеги од Бугарија и од Албанија, Захариева и Бушати. Во фокусот- европската иднина на Западен Балкан.

Изутринава пред почетокот на министерската конференција шефот на македонската дипломатија Димитров имаше работен појадок со бугарската министерка Захариева. Синоќешната работна вечера на четворицата министри поминала во топла и пријателска атмосфера.

„Вчера вечерата помина многу добро. Не разговараме за името бидејќи бевме четворица министри“, изјави кратко шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас.

Македонскиот шеф на дипломатијата, Димитров, потврди дека ќе се разговара за прашањето за името.

Третиот министерски состанок започнува со обраќање на министерот Коѕијас. На шефовите на дипломатиите на четирите земји ќе им се придружат и министрите за транспорт и за внатрешни работи.

Ќе се разговара за прекуграничната соработка, за европерспективите на Западен Балкан, за влијанието на случувањата на Блискиот Исток врз регионот, за можностите за развивање на сообраќајната инфраструктура. Ќе стане збор и за соработката меѓу полициите, борбата против прекуграничниот и организираниот криминал и справувањето со миграцијата.

Министерскиот состанок ќе заврши попладне со заедничка прес- конференција.