Хаваи: Вонредна состојба поради ерупција на вулкан
Ерупција на вулкан на Хаваи следена со повеќе од 250 потреси предизвика евакуација на населението. Гувернерот соопшти дека војската ќе им помага на граѓаните кои што ќе бидат сместувани во центри на Црвениот крст...

Ерупција на вулканот Килауеа на Хаваи. Властите прогласија вонредна состојба, започната евакуација на населението од областа Леилани Естејтс. Затворени се училишта, оштетени се патишта.
Вулканот почнал да исфрла лава неколку дена по уривање на кратер на источниот дел на вулканот, по што следувале и околу 250 земјотреси. Магмата се лизгала повеќе од 15 километри кон населениот југоисточен брег на островот.
„Бидејќи вулканот се наоѓа веднаш зад куќата можевме да ја слушнеме лавата како експлодира. Дали куќата ќе биде се уште на своето место кога ќе се вратиме? Можеби. Лавата се движи надолу, а ние сме горе. Но, секако ќе се смени изгледот на тој предел“, изјави Стивен Клапер, евакуиран жител.
На снимките, кои се објавени од локалните телевизии е прикажано како лавата избива од пукнатина што се отвора на патот, а со дрон била снимена и линијата на лавата како се пробива низ шумата. Наведено е дека вулканот исфрлал лава во висина од 46 метри.
Американскиот геолошки институт соопшти дека биле забележани нови пукнатини околу вулканот. Еден жител рекол дека лавата се разлила по патот како „огнена завеса“ проследена со мирис на сулфур и запалено дрво.
Американскиот Црвен крст отвори центри за евакуација, а гувернерот на Хаваи, Дејвид Ајг, соопшти дека војската му помага на населението.
Марина Ристова
