Министерски состанок во Солун

Димитров: Ја делиме истата судбина со ЕУ, но сѐ уште не сме на масата

04.05.2018 12:50

Ја делиме истата судбина со Европската унија, но сѐ уште не сме на масата, порача во обраќањето од Солун шефот на македонската дипломатија Никола Димитров. На отворањето домаќинот, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас изјави дека предизвиците во светски рамки го принудуваат регионот на Југоисточна Европа да ја зголеми интеграцијата...

Не разговаравме за името вчеравечер бидејќи бевме повеќе министри, изјави шефот на грчката дипломатија Коѕијас пред средбата на министрите за надворешни работи на Грција, Македонија, Албанија и Бугарија во Солун.

„Вчера вечерата помина многу добро. Не разговараме за името бидејќи бевме четворица министри“, изјави Коѕијас.

Билатералната средба на Димитров со грчкиот министер се очекува пред закажаната прес конференција попладнево, на која сепак ќе стане збор околу разликата за името. За тоа шефот на македонската дипломатија изјави: „Ќе разговараме“.

Во отворањето на состанокот Министерот Димитров укажа на фактот што учествуваат две земји членки на Европската Унија и две кои треба да бидат полноправни. Ја делиме заедничката судбина, рече Димитров.

Македонскиот министер имаше и краток работен појадок со бугарската министерка Захариева, која ќе претседава со самитот на ЕУ со Западен Балкан на 17 мај во Софија.

На оваа иницијатива воспоставена пред 30-на месеци се разговараше и за миграцијата, за 14 милиони можни мигранти од Сирија, но сепак, за нас е најважно приклучувањето кон Унијата, за што Димитров ја нарече 2018-та, година на можности.

 

Зоран Богатинов, специјален известувач од Солун за МРТ