Спасовски: Да се обнови и зајакне врската меѓу граѓаните и полицијата
Подготвеноста на специјалните полициски единици презентирана пред врвот на МВР, студенти на безбедност и други посетители и гости. Почна одбележувањето на Денот на полицијата во касарната „Ѓорче Петров“. Со овој чин придонесуваме за поголема соработка со граѓаните и стекнување на нивната доверба, вели првиот човек во МВР Оливер Спасовски.

Брзо, тактички, тимски- совладано возило во движење со вооружени криминалци. Вежба на припадниците на Специјалните единици при МВР.
Почна одбележувањето на Денот на македонската полиција. Мотото е „Полицијата за граѓаните“. Во касарната „Ѓорче Петров“ беа демонстрирани тактичко- техничките способности. Министерот Спасовски очекува поголема соработка со граѓаните, а ваквиот пристап да резултира со придобивање на нивната доверба.
„Врската меѓу граѓаните и македонската полиција треба да се зајакне и да се обнови за сите да бидеме побезбедни и вклучени во системот за безбедност“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Подготвеноста на Специјалните полициски единици презентирана пред врвот на МВР, студенти на Факултетот по безбедност, Институтот за одбрана и мир, ученици од Центарот за обука- Идризово, градоначалници, министри, други посетители и гости.
Најелитните единици демонстрираа справување со толпа која го нарушува јавниот ред и мир, оневозможување лице при обид за бегство, и откривање дрога и пари во возило со помош на кучињата, кој се дел од полицискиот тим К- 9.
Наташа Гркова- Петрушевска
