Стабилната политичка состојба позитивно се одрази на Македонската берза
Стабилната политичка состојба позитивно се одрази и на Македонската берза која реализира промет од 82 милиона евра, најуспешниот квартал во изминатите десет години. Во Охрид, Македонскста берза ја организира традиционалната годишна конференција, на која учествуваат експерти од регионот...

По ланската стагнација македонската економија бележи сериозна позитивна насока, за што потврда е проекцијата на НБМ за раст од 3,2 проценти. Тоа е резултат пред сѐ на стабилната политичка состојба, но и на економските политики кои ги води владата, со што ја врати довербата кај странските и домашните инвеститори.
„Првите податоци за оваа 2018-та се многу позитивни. На пример, индустриското производство расте 5,2 %, потоа имаме многу силен раст на извозот за 24%, а ако се види кредитирањето добро е што во јануари и февруари имаме веќе забрзување на растот и кај претпријатијата, не само во секторот кај домаќинствата. Тоа значи дека имаме заживување на растот“, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.
За Македонската берза првото тромесечие од годинава е најдобриот квартал во последната деценија, што е добро, бидеќи според експерите берзите се можеби најважниот фактор за развој на економијата.
„Има очекувања како што сите знаеме за пробив во евроатланските интеграции на државата. Значи еден микс на фактори кои во моментот даваат оптимизам и позитивна динамика. Од друга страна не треба поради тоа да ставаме розеви очила, да се анализираат суштествено работите“, истакна првиот човек на Македонската берза, Иван Штериев.
„Нашите општества не сваќаат дека берзите не постојат самите за себе, туку за да даваат решенија, не како алтернативен, туку како еден од клучните начини за финансирање на растот на приватниот сектор, без државни субвенции и дотации од буџетот“, вели Синиша Крнета- директор на Белградската берза.
Претставниците на берзите од регионот имаа позитивна оценка околу иницијативата на Македонската берза за востановување на Совет за развој на капитал, што е прифатена од Министерството за финансии. Според нив таков совет им е потребен на сите држави од регионот кои не се членки на ЕУ.
Сашо Нелоски
