Прилеп им оддаде почит на македонските револуционери
Прилеп им оддаде почит на големите македонски револуционери Гоце Делчев и на Пере Тошев, одбежежувајќи 115 години од загинувањето на идеологот на Македонската револуционерна борба Гоце Делчев и 106 години од смртта на револуционерот Пере Тошев. За прв пат, официјално, се одбележа и годишнината од смртта на Јосип Броз Тито. Прилепските борци покренуваат иницијатива да се направи реплика на орденот Народен херој што го доби градот од Тито во 1975-та година. Орденот без трага исчезна пред 25 години.

Прилепските борци и официјално ќе побараат да се направи копија на едно од најзначајните признанија за градот- орденот Народен херој кој на 7 мај пред 43 години го доби од Тито, единствено во Македонија. Орденот без трага исчезна пред околу 25 години при примопредавањето на тогашните претседатели на општината и до ден денес не се знае каде е.
Ова денеска го соопштија борците при првото официјално градско одбележување на смртта на Јосип Броз Тито во музејот „11 Октомври“. Градот, од кого почна народната револуција во ’41-вата, мора да го има највисокото признание, сметаат борците. Па макар и копија.
Делегации на локалните власти, на борците, партиите и граѓани им оддадоа достојна почит на големите македонски револуционери Гоце Делчев и Пере Тошев.
Прилеп ги чува спомените на борците и револуционерите, а орденот - Народен херој е потврда за тоа.
Елизабета Митреска
