Здравство

Ќе се формира фонд за лекување на деца во странство

04.05.2018 15:51

Дополнителен финансиски фонд за лекување на деца до 18 години во странство најави државниот секретар во ресорното министерство. Независното тело ќе се формира до крајот на годинава, но процедурата останува иста. Се воведува и нова мерка – домашна постоперативна грижа...

До крајот на годинава ќе се формира дополнителен финансиски фонд за лекување деца до 18 години во странство. Државниот секретар во министерство за здравство објасни дека станува збор за независно тело. Сепак, процедурата останува иста, ќе биде потребно конзилијарно мислење од соодветната клиника каде што се лекува пациентот. Надлежните се решиле за ова поради тоа што буџетот на Фондот за здравствено осигурување е ограничен, па често се собираат преку социјалните мрежи.

„Веќе го разработуваме начинот на формирање на тој фонд и во преговори сме со Фондот за здравено осигурување, како две институции ќе бидеме вклучени во формирањето на овој фонд и верувам дека до крајот на годината ќе ги имаме првите форми на формирање на овој фонд кој ќе биде исклучително наменета за лекување на децата во странство. Процедурата останува иста, овде немаме, остануваат постојните процедури. Нема нов начин на испраќање во странство“, изјави Владимир Милошев, државен секретар во Министерството за здравство.

Министерството за здравство воведува и нова мерка- домашна постоперативна грижа. Ова подразбира дека здравствени работници телефонски ќе ги контактираат пациентите еднаш дневно по отпуштањето од болница. Оперираните ќе имаат најголема корист од оваа мерка, бидејќи ќе можат да се консултираат со стручно лице до првата постоперативна болничка контрола, велат од Министерството за здравство.

 

Андријана Атанасовска