Средба Димитров- Коѕијас, најтешки прашања промената на Уставот и опсегот на употреба
Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција разговараа за разликите за името во Солун. На маса, комбинации за надминување на потешките прашања. Димитров тврди- прашањето е комплексно, влогот е голем. Промената на Уставот и опсегот на употреба- клучни проблеми. Коѕијас гледа напредок во процесот. На 12-ти мај нова средба...

Не е до нас да носиме решение туку до нашите премиери, а новата средба со Нимиц ќе ја имаме на 12-ти мај во Грција. Вложивме многу напори и сега треба да се има политичка волја за да се дојде до решение. Ова го изјави шефот на грчката дипломатија Коѕијас на конференцијата за медиумите по четворната средба на министрите за надворешни на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија во Солун.
„Дали се подготвени да се жртвуваат, мислам дека е тоа болен начин. Но, внесовме многу напори и сега тоа е решението. Мислам дека созреавме и дека сега не смееме да бидеме разочарани. Ние имавме храброст и направивме потег, сега тие треба да бидат храбри, мора да има политичка волја“, изјави шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас.
Разговаравме за комбинации околу опсегот и употребата на името, стигнавме до некои верзии, но тоа се прави на суптилен начин, изјави македонскиот министер Димитров на прашањето за притисокот на Грција за име за севкупна употреба и менување на Уставот. Доколку се дојде до заеднички прифатливо решение, дали ќе има нова резолуција на Обединетите нации за која ќе гласа и Советот за Безбедност, го праша Македонската телевизија, шефот на нашата дипломатија.
„Разлики уште има. Ова што вчера и денес го направивме, испитувавме комбинации што едната и другата страна би можеле да ги прифатат. Тоа е нашата задача. Треба за овие елементи да разговараме дома и поплодно да ја искористиме наредната средба. Зборот ќорсокак не би го употребувал. Влогот е многу голем“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Сѐ уште не е време за славјето кога станува збор за решението за името, рече Коѕијас, тоа би го направил само кога се ќе биде готово. Сега следува и средбата на премиерите Заев и Ципрас во Софија на Самитот ЕУ- Западен Балкан.
Зоран Богатинов- специјален известувач од Солун за МРТ
