Свечено отворање на Изборот за песна на Евровизија, Лисабон 2018
Дефиле на 43 национални делегации и нивни представници на синиот килм пред МААТ музејот во Лисабон...

Денес, недела 06.05.2018 година, со почеток во 17 часот по локално време (18:00 CEST) со свечена церемонија и дефиле на националните учесници на (црвениот) синиот килим, официјално ќе биде најавен стартот на Изборот за песна на Евровизија, Лисабон 2018 година. Во духот на мотото „ALL Aboard“ и логото - стилизираната морска школка, организаторот на годинашниов евровизиски избор одлучи, досегашниот црвен килим да биде заменет со син и истиот да биде наместен покрај брегот на реката Тежо (Tejo) во Лисабон.
Португалскиот национален радио дифузер РТП 1, ќе врши директен пренос од свечената церемонија на синиот килим, а домаќини на истата ќе бидат едни од најпопуларните телевизиски лица во португалскиот медиумски простор: Cláudia Semedo, Inês Lopes Gonçalves, Pedro Granger и Pedro Penim. Преку Евровизиската Радио Дифузна мрежа настанот е достапен во сите земји членки на Европската Радио Дифузна Унија, во Кина, на Австралискиот континент, а ќе може директно да се проследи и на You tube каналот.
Атрактивноста на свеченото отварање чијашто традиција е воведена во 2009 година по „теркот“ на сите гламурозни настани од ваков карактер во светот, секоја година привлекува голем број на акредитирани представници на светските медиуми но и голем број на „фанови“ желни за информации и ексклузивни фотографии со нивните миленици од светот на музиката.
Ова е место, кога евровизиските представници се обидуваат да се претстават во најубавото светло пред фотообјективите и камерите и од аспект на комплетниот стајлинг, поентирајќи го целокупниот настан во моментов, како еден од најважните и најинтересните музички избори со најдолга и непрекината традиција во светски рамки.
Марија Ивановска од „Eye Cue“ оваа година на синиот килим ќе носи креација по идеја на стилистката Милена Танаскоска а изработени од македонскиот дизајнер Јована Филиповиќ.
Денес завршува осмиот ден на евровизиски проби, втора по ред, за представниците од Големата Петорка и земјата домаќин, а веќе утре во понеделник на 7 мај се одржуваат двете комплетни генерални проби за првото евровизиско полуфинале.
На втората генерална проба којашто започнува во 21:00 часот по македонско време, своите гласови ќе ги даваат и членовите на стручните жирија во секој од националните радио дифузери, чиишто претставници учествуваат на правата полуфинална вечер, вклучително и стручните жирија на двете земји од големата петорка: Обединетото Кралство и Шпанија, како и земјата домаќин Португалија.
ЕБУ на 30 април годинав,а на официјалната web. евровизиска сраница ги обави имињата на секој посебно од петчленото стручно жири на земјите учеснички на годинашниот Избор за песна на Евровизија, Лисабон 2018.
Гласовите на стручното жири на земјите учеснички на Првата полуфинална вечер, според евровизискиот принцип на гласање ќе се комбинираат со гласовите од телевоутингот добиени во директниот телевизиски пренос од првата полуфинална вечер на 8 мај, којшто започнува во 21:00 часот на фрекфенциите на Македонското радио и Македонската телевизија. На овој начин се определуваат првите 10 земји од коишто обезбедуваат пласман во големото финале покрај земјите од Големата Петорка, земјата домаќин и 10 земји кои на истиот начин ќе бидат селектирани од втората полуфинална вечер којашто се одржува на 10- ти мај.
Како гласал секој член посебно и на полуфиналната вечер и во финалето, како и вкупниот резултат на националното стручно жири, а со тоа и поените и рангирањето на секоја композиција, заедно со детелните резултати од телевоутингот, ЕБУ ќе ги објави по завршувањето на финалната вечер, во првите часови на 13-ti мај 2018 година.
Бојан Трајковски, Марија Ивановска, Иво Митковски и придружните вокали: Дина Јашари, Антонија Гиговска и Валерија Димовска, годинава со „Lost and found“ музика и текст на Бојан Трајковски, во аранжман и музичка продукција на Дарко Димитров, на 63- тото издание на Изборот за песна на Евровизија во Лисабон, настапуваат во првата Евровизиска полуфинална вечер, под реден број 11.
Каролина Петковска, специјален известувач од Лисабон за МРТ
