Иванов од Радев побара поддршка за интеграциите
Војници на Армијата на Република Македонија за првпат учествуваа на парада во Софија. Повод – Денот на бугарската војска. Празникот на соседот одбележан и во струмичко Ново Село, каде што се наоѓаат посмртните останки на 71 војник. Во Дојран, средба на претседателите на двете земји, Иванов и Радев. Шефот на државава очекува поддршка од Софија за македонските интеграции...

Продлабочување на одличните билатерални односи преку јакнење на политичкиот дијалог и поддршка за интегративните процеси на Македонија- ова е договорено на средбата меѓу претседателот Иванов и неговиот бугарски колега Радев, што вчера се одржа во Дојран.
Шефот на државава побарал Бугарија, како актуелен претседавач со ЕУ, да ја поддржи Македонија за да добие датум за почеток на преговорито со Унијата. Претходно, Иванов го пречека гостинот во Ново Село, каде се обележа Денот на Бугарската армија на гробиштата на 71 бугарски војник.
Поглаварот на МПЦ- ОА, Г.Г. Стефан во сослужение на владиците Наум и Климент одржа света упокоена литургија за загинатите.
Во Софија, пак, за првпат еден ешалон од четвртиот механизиран пешадиски баталјон на АРМ учествуваше на парадата по повод Денот на бугарската армија. Високата делегација ја предводеше началникот на Генералштабот, Генерал- потполковник Методија Величковски.
Македонија и Бугарија ја реафирмирале заемната посветеност за унапредување на безбедносната и армиската соработка, и справување со илегалната миграција и тероризмот.
Ирина Гелевска
