Младите очекуваат вработување со новата мерка
Младите ја поздравуваат последната владина мерка за стимулирање на компаниите да вработуваат млади луѓе. Финансиските ослободувања треба да им ги отворат вратите на фирмите...

Повеќе работни места, стекнување на неопходното работно искуство, реализирање на професионален план и градење кариера. Ова се очекувањата на младите од новата владина мерка, со која компаниите во првата година се ослободуваат од плаќање придонеси и персонален данок доколку се решат да вработат млад кадар.
“Сметам дека на долг рок со оваа мерка ќе се решат многу од проблемите на младите, како што е прашањето со невработеноста, или проблемот со младите кои ја напуштаат Македонија за да најдат работа. Со оваа мерка, на младите до 29 години им се дава можност за вработување на 24 месеци, и мислам дека на овој начин ќе се стекнат со искуство“, изјави Борјан Топуковски, претседател на Клуб на оратори.
Очекувањата за ефектите од оваа мерка се дека ќе ја намали високата стапка на невработеност кај оваа кетегорија и ќе ја раздвижи берзата на трудот. Веќе тече и другата мерка за субвенционирано прво вработување, која треба да обезбеди брз премин на младите од образовниот процес во реалниот сектор.
„Треба сега да видиме кој каде практицирал за време на студирањето, кај кој работодавач, и да најдеме поврзаност меѓу нив. Потоа обезбедуваме субвенционирано вработување во траење од три месеци, а условот за работодавачите е младите потоа е да останат да работат, и се надеваме дека младите потоа подолг период ќе останат да работат од одредената компанија“, изјави Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување.
Надлежните очекуваат дека со последните мерки ќе се намали високата стапка на невработеност меѓу младите, проблем што беше нотиран и од Светска банка. Според последните податоци на Државната статистика, повеќе од половина од невработените се млади луѓе на возраст од 15 до 24 години.
Мартин Пушевски
