Ромео: Се враќа интересот на италијанските компании да инвестираат во Македонија

07.05.2018 13:17

Италијанскиот амбасадор во земјава, истакна дека бирократските процедури, бавната администрација и несоодветните квалификации на работната сила се клучните слабости што ги детектирале италијанските бизнисмени.

Се враќа интересот на италијанските компании да инвестираат во Македонија- најави амбасадорот Ромео на денешната презентација на Законот за финансиска поддршка за инвестирање во Стопанската комора.

По период на забавување и одложување на одлуките на италијанските компании за инвестирање во Македонија поради политичката криза, последниов период забележуваме повторно враќање на интересот. Италијанските инвеститори се заинтересирани не само за регионалниот, туку и за европскиот пазар, нагласи италијанскиот амбасадор во земјава.

Ромео истакна дека бирократските процедури, бавната администрација и несоодветните квалификации на работната сила се клучните слабости што ги детектирале италијанските бизнисмени.

Засега најголем интерес има кај компаниите кои што произведуваат медицинска опрема- вели министерката за странски инвестиции, Апостолска.

Италија е шести најголем трговски партнер на Македонија во периодот јануари- февруари 2018 година.