Иванов и Заев согласни дека НБРМ не смее да се остави без гувернер

07.05.2018 14:25

Средба меѓу Иванов и Заев за изборот на гувернер на Народна банка. Од релевантните институции добиена согласност за втор мандат на Богов, а тоа го потврдува и извештајот на Европската комисија, соопштува Кабинетот на Иванов. Заев претходно изјави- не го поддржувам предлогот на претседателот. Двајцата соговорници сепак се согласни, централната банка не смее да остане без гувернер.

Во Вилата Водно, претседателот Иванов на средба со премиерот Заев на негова иницијатива, за предлогот на шефот на државата за гувернер на Народна банка.

Иванов уште еднаш му ги предочил ставовите и аргументите зошто смета дека Димитар Богов најодговорно ќе ја извршува функција, соопштуваат од претседателскиот Кабинет. На средбата било потврдено дека откако актуелниот гувернер дал согласност, на 25-ти април остварил средба со премиерот Заев.

По одржаните консултации со релевантни институции,  досегашните успешни резултати во работењето на Народната банка и врз основа на долгогодишното искуство во оваа област, сметам дека Димитар Богов е најквалитетна, најпрофесионална и најсоодветна личност за извршување на функцијата и затоа го предложив за втор мандат, му рекол претседателот Иванов на премиерот Заев. Го запознал и за средбите со други потенцијални кандидати за гувернерското место, на кои немало ниту една забелешка за работата на актуелниот гувернер.

Сите соговорници се согласија со ставот дека Богов е најдоброто решение, кое е потврдено и во извештаите на Европската комисија, потенцирал претседателот Иванов. Двајцата соговорници се согласиле дека Народната банка не смее да остане без гувернер, бидејќи тоа би имало негативни импликации врз економијата на државата.

Претседателот Иванов предлогот за втор мандат за Богов го достави до Собранието на 27-ми април.