Инвестиции

Се враќа интересот на италијанските компании да инвестираат во Македонија

07.05.2018 15:05

Се враќа интересот на италијанските компании да инвестираат во Македонија- најави амбасадорот Ромео на денешната презентација на Законот за финансиска поддршка за инвестирање во Стопанската комора. Засега најголем интерес има кај компаниите кои што произведуваат медицинска опрема- вели министерката за странски инвестиции, Апостолска.

Италијанските компании повторно ја враќаат Македонија на мапата со дестинации за инвестирање. Политичката стабилизација го прави своето и повторно се носат одлуки за вложувања во земјава, најави амбасадорот Карло Ромео. Засега во Македонија се активни подружници на 130 италијански компании, кои вложиле 114 милиони евра.

„По еден период на забавување на одлуките и одложување на одлуките за инвестирање од италијанските инвеститори како резултат на политичката криза во која се наоѓаше земјата, по последниот период забележуваме повторно враќање на интересот од италијанските инвеститори кои што се заинтересирани не само за регионалниот, туку и за европскиот пазар“, изјави италијанскиот амбасадор во земјава, Карло Ромео.

Очекуваме повторно да се врати интересот за инвестирање во Македонија, вели Ромео. За поуспешна соработка на македонските и странските компании Стопанската комора реализира проект за зајакнување на капацитетите на домашните фирми преку најразлични обуки и директна консултантска поддршка во период од една година. Целта е да се подигне нивото на стандарди што го бараат странските инвеститори.

„И доколку имаат интерес за соработка со некоја од домашните компании ќе се пристапи кон работа со домашната компанија, се со цел да ги достигне стандардите и нивото на соработка кое странските инвеститори го бараат од домашните компании“, вели Јадранска Аризанковска, Стопанска комора на Македонија.

Од Владата потврдуваат дека има интерес за вложување од италијанските компании, а со некои од нив веќе се преговара за конкретни проекти.

„Има и италијански компании и тоа поконкретно барем од мојот ресор, тоа е во областа на медицината, изработка на опрема за медицина. Има и од други држави, така што интензивно се преговара за нови инвестиции“, изјави Зорица Апостолска-министер за странски инвестиции.

Досега италијанските инвеститори најмногу инвестирале во хемиската индустрија, чевларската, прехранбената, железото и челикот. Во последните 5 години има прилив во автомобилската индустрија во економските зони, во обновливите енергетски извори и во екологијата, велат од Италијанската агенција за трговија и инвестиции.

 

Свето Николовски