Судот повторно ќе ја прегледува снимката за „Поткуп“
Денеска исказ даде премиерот Зоран Заев кој тврдеше дека бизнисменот Иван Николов сакал да го намести со цел да спречи јавноста да ја слушне „Вистината за Македонија“...

На денешното рочиште за случајот „Поткуп“, исказ даде премиерот Зоран Заев кој тврдеше дека бизнисменот Иван Николов сакал да го намести со цел да спречи јавноста да ја слушне „Вистината за Македонија“.
Изјави дека стравувал дека ќе му подметнат пари со цел политички да го дискредитираат. Заев тврдеше и дека снимката којашто се појави на „Јутјуб“ не е идентична со снимката што како дел од посебните истражни мерки беше емитувана на претходните рочишта. Затоа судот одлучи оваа снимка да ја емитува на наредната главна расправа закажана за в среда.
Премиерот во изјава за медиумите рече дека во својот исказ дал одговор на сите важни прашања, а изрази жалење што јавноста немала можност да ја види целосната снимка и нагласи дека очекува ослободителна пресуда.
Заев во случајот „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од приближно 160 илјади евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште. За 15-ти мај е закажано уште едно рочиште.
