Средба

Заев и Иванов согласни- НБРМ не смее да се остави без гувернер

07.05.2018 15:52

„Народната банка не смее да се остави без гувернер- тоа би имало негативни импликации врз економијата“- претседателот и премиерот на средба за прв монетарец. Од Кабинетот на Иванов информираа дека по консултациите што ги имал, констатирал дека Богов е најквалитетна личност за извршување на оваа функција и затоа го предложил за втор мандат. Заев вели дека параламентарното мнозинство има забелешки...

Народната банка не смее да остане без гувернер. Тоа би предизвикало негативни импликации врз економијата на земјата, се согласиле претседателот Иванов и премиерот Заев. Шефот на државата како и на претходната средба одржана на 26 март, на премиерот му ги образложил ставовите и аргументите зошто смета дека Богов најодговорно ќе ја извршува функцијата гувернер, информираат од кабинетот на претседателот. Иванов потсетил на неговата намера, ако Богов даде согласност, дека ќе биде предложен за втор мандат. Актуелниот гувернер, на 25 април имал средба со премиерот Заев на која го известил дека ја прифаќа понудата на македонскиот претседател. Од кабинетот на претседателот додаваат дека Иванов пред да ја донесе одлуката, во февруари и во март имал консултации со бизнис - заедницата, со Здружението на банкарството и со МАНУ.

„По сите консултации што ги одржав, а имајќи ги предвид досегашните успешни резултати во работењето на Народната банка и врз основа на долгогодишното искуство во оваа област, сметам дека Димитар Богов е најквалитетна, најпрофесионална и најсоодветна личност за извршување на оваа функција и затоа го предложив за втор мандат на функцијата гувернер“, потенцирал Иванов.

Премиерот Заев вели дека Народна банка е сериозна институција и верува дека по пат на кохабитација и дијалог ќе се изнајде решение. Потенцира дека оваа институција мора да биде професионална. Консултациите продолжуваат.

„Сегашниот гувернер сериозно го почитувам, но има забелешки од мнозинството за неговата работа. Јас тие забелешки му ги пренесов на претседателот. Разменивме одредени идеи и потреби, но заедно заклучивме дека Македонија треба да има гувернер кој ќе се избере согласно законските рокови“, вели Заев.

Претседателот го запознал шефот на Владата дека пред одлуката, имал средби со други потенцијални кандидати за гувернерското место, на кои не била посочена ниту една забелешка за работата на актуелниот гувернер, и оти сите соговорници го потврдиле ставот дека Богов е најдоброто решение, што е потврдено и во извештаите на Европската комисија, информираат од кабинетот на шефот на државата. Предлогот за втор мандат на Димитар Богов за гувернер, Претседателот Иванов до Собранието го достави на 27-ми април.

Милчо Велески