Политика

Шаќири привремено ангажиран во Владата, ВМРО-ДПМНЕ реагира

07.05.2018 16:26

„Џезаир Шаќири е привремено ангажиран како надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот за потребите на канцеларијата на претседателот на Владата“- соопшти владината прес- служба. Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев ја посрамотил државата и македонскиот народ со тоа што ангажирал поранешен командант и човек од црна листа кого го бараат меѓународни организации...

Џезаир Шаќири е привремено ангажиран на една година, како надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот за потребите на канцеларијата на премиерот Заев- се вели во информацијата до јавноста од Владиниот кабинет. Соопштуваат дека неговиот ангажман ќе чинел 36 илјади денари месечно.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ прашуваат, дали Заев е сериозен во намерата да му се издаде безбедносен сертификат на командантот Хоџа, од највисок степен, имајќи предвид дека тој бил вмешан во убиство на полицаец. Според нив, Заев ги посрамотил државата и македонскиот народ.

Немам предрасуди за соработката со Шаќири, тој може да помогне доколку се појават некои екстремистички или радикални групи, зашто го познава реонот околу Танушевци, вели премиерот Заев. Тој е граѓанин на Република Македонија и како и секој друг може да биде ангажиран како советник. Шаќири чесно ќе си го заработува лебот бидејќи издржува многудетно семејство- додаде Заев.

Во врска со информацијата дека Владата ја предлага сестрата на Катица Јанева за заменик на Комисијата за хартии од вредност, Заев рече дека тие предлагаат, а Собранието решава. А дека се сестри со Специјалната обвинителка, дознал откако ја предложиле. Според него, секој граѓанин може да конкурира доколку ги има исполнето условите.

 

 

Наташа Гркова- Петрушевска