Трамп нема да учествува на церемонијата за отворање на Американската амбасада во Ерусалим
Челникот на Белата куќа, Доналд Трамп нема да учествува на церемонијата за отворање на Американската амбасада во Ерусалим. Одлуката за преместување на дипломатското претставништво од Тел Авив во Ерусалим беше меѓу главните предизборни ветувања на Трамп. Од 1948 година, секој американски претседател ја лоцираше својата амбасада во Тел Авив за да се избегне влошување на Израелско-палестискиот спор...

Претседателот на САД Доналд Трамп и потпретседателот Мајк Пенс нема да присуствуваат на отворањето на американската амбасада во Ерусалим. Делегацијата на свеченоста закажана за 14 мај ќе ја предводи заменик-државниот секретар Џон Саливан. Ланската одлука за преместување на дипломатското претставништво од Тел Авив во Ерусалим беше меѓу главните предизборни ветувања на Трамп. Голем дел од американските сојузници, чиишто дипломатски мисии остануваат во Тел Авив, сметаат дека преселбата го загрозува мировниот процес меѓу Израелците и Палестинците. Во декември, 128 земји во Генералното собрание на ООН гласаа за необврзувачка резолуција за отповикување на одлуката од Белата куќа. Девет беа против, 35 воздржани, а 21 земја не гласаше.
Освен на глобално, американското признавање на Ерусалим за израелска престолнина предизвика проблем и на регионално ниво. Палестинците настојуваат да го присвојат источниот дел од древниот град, којшто е дом на најсветите локалитети на јудеизмот, христијанството и исламот, и да го прогласат за престолнина во нивната идна држава. Поради одлуката на Вашингтон, палестинските власти се повлекоа од разговорите за нов мировен договор со посредство на САД.
„Ова целосно ги уништи сите можности дека тој ќе игра чесна улога како посредник. Нема веќе чесност, нема медијација, нема пријател на мирот, нема договор на векот. Сето ова остана во историјата“, изјави Набил Шат, претставник на палестинските власти.
Иако многумина очекуваа дека ќе бидат потребни години да се изгради новото дипломатско претставништво во Ерусалим, Трамп го забрза процесот и реши да го реновира и да го употреби постојниот објект во јужниот дел од градот за конзуларни операции. Сепак, решението е привремено бидејќи Стејт департментот бара посигурна локација за поголем постојан објект во кој ќе се пренесат сите операции од мисијата во Тел Авив. По примерот на САД, и претседателот на Гватемала реши да ја пресели својата амбасада во Ерусалим.
Маја Филдишев
