Прва полуфинална вечер на Изборот за песна на Евровизија: Реден број 11 за Македонија и „Eye Cue“
„Eye Cue“ со песната „Lost and found“, во лисабонската арена „Aлтис“ ќе ја претстави Република Македонија на првата полуфинална вечер на 63-от Избор за песна на Евровизија. Ќе се натпреварува за влез во финалето со изведувачи од уште 18 земји. Двете полуфинални вечери и финалето в сабота, директно на Македонската радиотелевизија...

Најголемиот телевизиски спектакл и музички избор со најдолга традиција којшто ја заокружува 63- тата година на непрекинато организирање, одржување и емитување во европскиот радио дифузен простор, Изборот за песна на Евровизија – Лисабон 2018, официјално влегува во својата највозбудлива фаза.
Во „Алтис“ арената во Лисабон, од вкупно 43 земји учеснички на годинашниов избор, 19 земји настапуваат вечерва во првата полуфинална вечер, меѓу кои и Македонија.
Бојан Трајковски, Марија Ивановска, Иво Митковски и придружните вокали: Дина Јашари, Антонија Гиговска и Валерија Димовска, годинава со „Lost and found“ - музика и текст на Бојан Трајковски, во аранжман и музичка продукција на Дарко Димитров, на 63- тото издание на Изборот за песна на Евровизија во Лисабон, настапуваат во првата Евровизиска полуфинална вечер, под реден број 11.
Во понеделникот на 7-ми мај се одржаа двете комплетни генерални проби за првото евровизиско полуфинале, од кои од особена важност беше втората генерална проба, чијшто индиректен телевизиски пренос започа во 21:00 часот по македонско време, а на истата своите гласови ги дадоа и членовите на стручните жирија во секој од националните радио дифузери, чиишто претставници учествуваат на правата полуфинална вечер, вкупно 19, вклучително и стручните жирија на двете земји од големата петорка: Обединетото Кралство и Шпанија, како и земјата домаќин Португалија.
Вкупно 215 еминентни имиња од областа на музичката индустрија, по пет од секоја земја, во финалето, своите гласови ќе ги конципираат споед повеќе аспекти, коишто го одредуваат комплетниот аудио сценско- визуелен ефект што кај гледачот го остава настапот на уметниците на сцената.
Гласовите на стручното жири (110 члена) на земјите- учеснички на Првата полуфинална вечер, според евровизискиот принцип на гласање ќе се комбинираат со гласовите од телевоутингот добиени во директниот телевизиски пренос од првата полуфинална вечер, денес на 8-ми мај, којшто започнува во 21:00 часот на фрекфенциите на Македонското радио и Македонската телевизија.
На овој начин се определуваат првите 10 земји коишто обезбедуваат пласман во големото финале, покрај земјите од Големата Петорка, земјата домаќин и 10 земји, коишто на ист начин ќе бидат селектирани од втората полуфинална вечер, којашто се одржува на 10-ти мај.
Македонските граѓани вечерва ќе може да гласаат за своите фаворити. Од еден телефонски број ќе може да се гласа најмногу до 20 пати, се разбира нема да може да се гласа за Македонија од Македонија, но затоа, пак, тоа ќе можат да го направат сите оние коишто во моментов се наоѓаат во некоја од земјите коишто учествуваат на првата полуфинална вечер, во Шпанија, Португалија или во Обединетото Кралство. Телефонските броеви за гласње на првата полуфинална евровизиска вечер, ќе бидат објавени во текот на директниот пренос.
Од она што го видовме на генералните проби, гледачите ќе имаат можност да проследат интересно евровизиско полуфинале, со песни за сечиј вкус: од балади, рок и поп, опера стил, кантри, песни со модерни аранжмани, моќни вокали, интересни кореографии, сценски елементи, гламурозни дизајнерски креации и пиротехнички ефекти на сцената.
Со право можеме да речеме дека првото евровизиско полуфинале е далеку поквалитетно од втората полуфинална вчер, во којашто има една земја помалку а со тоа и шанса повеќе за пласман во финалето. Останува да видиме кои 10 земји од вкупно 19 колку што ќе видиме на евровизиската сцена вечерва ќе се пласираат во големото финале на 12-ти мај годинава.
Да подсетиме дека Калиопи со песната „Црно и бело“ на Македонија ѝ го обезбеди последно евровизиско финале на Изборот за песна на Евровизија во 2012-тата година.
Во македонската делегација владее позитивно расположение и задоволство по вчерашниот настап на генералните проби. Со надеж за добар пласман, сега се е во рацете на „Eye Cue“ за достојно претставување на Македонија на Евровизиската сцена, Лисабон 2018.
Преку Евровизиската Радио дифузна мрежа, Изборот за песна на Евровизија се очекува да биде проследен од неколку стотици милионски телевизиски гледачи, не сметајќи ги тука корисниците на евровизиската апликација и социјалните мрежи.
Каролина Петковска, специјален известувач од Лисабон за МРТ
ESC 2018 / ПРВО ПОЛУФИНАЛЕ
01 АЗЕРБЕЏАН - Aisel - X My Heart
02 ИСЛАНД - Ari Ólafsson- Our Choice
03 АЛБАНИЈА - Eugent Bushpepa - Mall
04 БЕЛГИЈА - Sennek - A Matter Of Time
05 РЕПУБЛИКА ЧЕШКА - Mikolas Josef - Lie To Me
06 ЛИТВАНИЈА - Ieva Zasimauskaitė - When We're Old
07 ИЗРАЕЛ - Netta- TOY
08 БЕЛОРУСИЈА - ALEKSEEV- Forever
09 ЕСТОНИЈА - Elina Nechayeva - La Forza
10 БУГАРИЈА - EQUINOX - Bones
11 МАКЕДОНИЈА - Eye Cue - Lost And Found
12 ХРВАТСКА - Franka- Crazy
13 АВСТРИЈА - Cesár Sampson - Nobody But You
14 ГРЦИЈА - Yianna Terzi- Oniro Mou
15 ФИНСКА - Saara Aalto - Monsters
16 ЕРМЕНИЈА - Sevak Khanagyan - Qami
17 ШВАЈЦАРИЈА - ZiBBZ - Stones
18 ИРСКА - Ryan O'Shaughnessy - Together
19 КИПАР - Eleni Foureira - Fuego
