Нов скандал поврзан со Заев

Мицкоски: Како градоначалник Заев продал земјиште кое завршило во рацете на неговиот брат

08.05.2018 14:50

Како градоначалник Заев му продал земјиште на неговиот брат- тврди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Ова е случај кадешто јасно се гледа како се прават бизниси во Струмица, по клучот на картелско и клановско поврзување и ползување на придобивките на функцијата дадена од граѓаните- изјави Мицкоски...

Заев како градоначалник на Струмица продал земјиште кое по повеќе постапки завршило во рацете на неговиот брат- лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски објави нови документи за, како што вели, нов скандал поврзан со актуелниот премиер.

Појаснува дека тоа се случило во декември 2014-та година кога по јавно наддавање било отуѓено градежно земјиште во Струмица. На аукцијата, рече Мицкоски, се јавил само еден понудувач, бизнис- партнер на братот на Заев. Откако ја добил дозволата за градење, со договор му ги предал овластувањата на две компании кои биле во сопственост на Вице Заев и на негов братучед. За возврат добил стан од 40- квадратни метри, а биле милионски заработките на градителите, обвини Мицкоски.

„Значи еден стан за локација на која се гради зграда со нето површина 6 888 м2, профит над 1 милион евра за братот и братучедот на Зоран Заев. Потписници на овој документ се Вице Заев, Сашко Брндевски и управителот на АД Пелагонија Јанев, каде член на управен одбор во тоа време е братучедот на Зоран Заев, Трајче Заев. Ова отвора сомнеж дека бизнис партнерот на Заеви е само параванот, а потоа јасно се гледа дека зградите се градат токму од компанијата на братот на премиерот Зоран, Заев, Вице Заев“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат, дали постои конфликт на интереси и бара Јавното обвинителство да го преиспита случајот.

 

Наташа Гркова- Петрушевска