Голем интерес на компаниите за финансиска инјекција од државната каса
Во почетокот на јули ќе бидат потпишани првите договори за финансиска инјекција од државната каса за малите и средни фирми. Над 100 компании веќе подигнале проектни апликации. На располагање се 645 милиони денари. Од Фондот за иновации тврдат- прифатени се забелешките од бизнис- заедницата за поголема транспарентост на процесот...

Десетина дена по објавениот повик, стотина мали и средни фирми веќе подигнале проектни апликации за финансиска инјекција од државната каса. Најголем интерес има за купчето пари наменето за иновации со кои ќе се финансира 70 насто од инвестицијата. Но, голем е бројот и на бизниси што ќе бараат подршка за брз раст и стручно оспособување на кадарот - велат од Стопанската комора.
„Очекуваме компаниите да постават конкретни прашања за да ги детектираме проблемите со кои се соочуваат при евентуалното пополнување на проектните апликации. Интерес има за повеќе од мерките, посебно за поддршката за брз раст и за стручно оспособување на кадарот, како и за креирање дополнителни производи и услуги што ќе бидат конкурентни на домашниот и на странските пазари“, вели Билјана Пеева Ѓуриќ, од Стопанската комора на Македонија.
Од Владата тврдат, селекцијата и изборот на проектите што ќе добијат пари од државната каса, ќе бидат транспарентни. По барање на компаниите и бизнис- еснафот е вклучен во процесот, од објавување на повикот до потпишување на договорите- тврдат од Фондот за иновации.
„Во првата фаза, евалуацијата на проектите ќе ја прават надворешни стручни лица, но од Македонија, додека во втората фаза Комитетот за селекција на парите на Фондот составен од пет стручни лица, странски државјани. Одлуката, пак, кој ќе биде финансиран нема да ја носат државната администрација, ниту службеници од Фондот, Владата или Министерството за економија, туку ќе биде целосно во рацете на надворешни стручни лица“, изјави Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации.
Првите договори за финансиска поддршка, вели Деспотовски ќе бидат склучени во јули. За мерките од третиот столб, на располагање се 645 милиони денари. Надлежните тврдат ако има голем интерес и квалитетни проекти, ќе се бараат дополнителни пари за финансирање.
Сузана Фиданска - Стоевска
